Активистка почна војна на Твитер откако рече дека Исус бил Палестинец

Макфакс

09/07/2019

15:09

350

Големина на фонт

а а а

Активистката Линда Сарсур поттикна маратонска интернет-дебата за националноста и бојата на кожата на Исус откако изјави дека принцот на мирот треба да се смета за Палестинец, пренесува РТ. Многумина не ја прифатија љубезно сугестијата.

Контроверзната палестинско-американска активистка поттикна бура на социјалните мрежи овој викенд со изјава дека „Исус бил Палестинец од Назарет и е опишан во Куранот со темен, кафеникаво-бакарен тен со кадрава коса”.

Набрзо Твитер зовре од илјадниците реакции во кои многумина ја осудија забелешката на Сарсур како игнорантска. Некои тврдеа дека Сарсур го брише еврејскиот идентитет на Исус и ја ревидира историјата за сопствените политизирани цели, додека други тврдеа дека регионот имал поинакво име во периодот кога Исус бил роден, па затоа не би бил сметан за Палестинец.

„Исус беше Јудеец. Можеби бил од земја која се смета за Палестина, но тој не бил Палестинец бидејќи Палестина не беше името на земјатаво тоа време”, одговори еден корисник.

Јаир Нетанјаху, син на израелскиот премиер, исто така се обиде да го оспори тврдењето на Сарсур, но беше многу помалку љубезен во своето несогласување.

„Дали си глупава? На крстот над главата на Исус стои знакот ИНРИ – Iesvs Nazarenvs Rex Ivdaeorvm, што на латински значи ‘Исус од Назарет, крал на Евреите!’ Библијата вели дека Исус е роден и израснат во Јудеја!”, пишува тој.

Сарсур им одговори на противниците посочувајќи дека Палестинците се националност, а не религија, па кога некој вели дека Исус е роден во денешна Палестина не негира дека е Евреин.

Таа подоцна го ревидира Христовото родно место од Назарет во Витлеем, за кој вели дека денес е под брутална воена окупација и додаде:

„Исус бил Евреин. Исус бил Семит. Исус не бил бел, русокос како на сликите што ги гледаме денес. Тој бил со темен тен.”

Сепак, критичарите беа неуморни.

На крајот, Сарсур одлучи дека можеби дебатата претставува поголем проблем отколку што вреди, нагло објавувајќи крај на „разговорот за Исус”.

Сарсур беше главен организатор на Маршот за жените во 2017 година во Вашингтон и е поранешна директорка на Арапската асоцијација на Њујорк, но е контроверзна личност кај некои конзервативци кои велат дека имала врски со групи кои проповедаат антисемитизам и поддршка за Шеријатскиот закон.



Спонзорирани линкови

Маркетинг