Еве како Норвешка ги претвора криминалците зад решетки во “добри соседи”: Затворениците уживаат во луксуз, вежбаат јога, учат занает, англиски јазик, право, етика...

Точка

09/07/2019

11:14

2.755

Големина на фонт

а а а

Норвешката Служба за извршување санкции пред 25 години спровела низа реформи за, наместо “освета”, да го стави акцентот на рехабилитација на осудениците. Затворениците кои претходно го поминувале денот заклучени во ќелии, денес имаат прилика да се обучуваат и образоваат, а улогата на чувари од е променета од корен.

Додека во стариот систем стапката на враќање во “криминалните води” по одлежана казна изнесувала 60-70 отсто, две години по воведување на реформата, таа опаднала на само 20 отсто, а по пет години на 25 отсто. Денес, затворениците вежбаат јога која ги смирува. 

“Не сакаме бес и насилство на ова место. Сакаме мирни и мирољубиви затвореници”, вели директорот на затворот во Халден, Аре Хојдал.


Тоа не е воопшто евтино бидејќи трошоците за сместување по затвореник изнесуваат околу 100.000 евра годишно, додека на пример во Англија и Велс изнесуваат од 45 до 55.000 евра. Системот наречен “Динамичка безбедност” овозможува соживот помеѓу чуварите и затворениците: тие заедно јадат, играат одбојка и одмараат, што им овозможува да разговараат со нив и да ги мотивираат.

“Ние сме затворски службеници, а не чувари. Се грижиме за тоа осудениците да ја отслужат својата казна, но исто така им помагаме да станат подобри луѓе. Ние сме нивните примери, тренери и ментори”, вели Хојдал.

Затворските ќелии се уредени во стил кој до минимум го намалува чувството на затвореникот дека е зад решетки, за да се ублажи психолошкиот стрес, а архитектурата е усогласена со околината. Затворот, чија градба чинела повеќе од 150 милиони евра, се состои од двоспратни згради и дрвени бунгалови кои повеќе личат на универзитетски кампус отколку на затвор. Околу него растат дрва и опкружен е со дебел бетонски ѕид, но никаде нема бодликава жица, ниту електрична ограда. Секој затвореник има своја ќелија со тоалет, туш кабина, фрижидер, маса, рамен ТВ екран и поглед кон шума.


“Не е лесно кога ќе ви ја одземат слободата. Во Норвешка, казната подразбира само лишување на слобода. Останатите права остануваат. Затворениците можат да гласаат, да се образоваат, имаат право на лекување – сите права како и секој друг норвешки државјанин. Тие погрешиле и мора да бидат казнети, но и понатаму се човечки суштества”, додал Хојдал.

Од првиот ден на престојот во затвор почнуваат подготовките за нивно ослободување, а сите еден ден ќе бидат ослободени бидејќи во Норвешка не постои доживотна робија.

“Ако се однесуваме кон нив како кон животни, ние ќе пуштиме животни на улица. Ние го ослободуваме вашиот сосед”, вели Хојдал.

Во кругот на затворот, осудениците учат автомеханичарски занает и се подготвуваат за столари или готвачи. Обуката на затворските службеници во Норвешка трае две-три години.

“Сакаме да спречиме повторно оддавање на криминал, што значи дека луѓето мора да бидат добро обучени. Моите студенти учат право, етика, криминологија, англиски јазик, реинтеграција и социјална работа. Потоа минуваат една година на пракса во некој затвор, па се враќаат на полагање на завршните испити”, вели Ханс Јорген Брукер од универзитетскиот колеџ на Норвешката служба за извршување казни.


Управникот на затворот Аре Хојдал вели дека не се сеќава кога последен пат имало насилство во неговиот затвор. Тој положува голема надеж во новите затворски проекти, а неодамна е основан хор, добиле музичко студио, а во план е и божиќен концерт. Наскоро од затворот излегува и нивниот прв квалификуван готвач.




Спонзорирани линкови

Маркетинг