Димитров на неформален министерски состанок на ОБСЕ во Словачка

Макфакс

08/07/2019

11:48

652

Големина на фонт

а а а

Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска и утре ќе учествува на неформалниот министерски состанок на ОБСЕ на покана на министерот за надворешни и европски работи на Словачка и претседавач на ОБСЕ, Мирослав Лајчак, во Штрбско Плесо – Високи Тарти, Словачка.

На неформалниот состанок на министрите за надворешни работи ќе се разменат мислења за актуелните состојби во регионот на ОБСЕ, а во функција на редовниот годишен министерски состанок што ќе се одржи во декември оваа година во Братислава.

Имајќи ја предвид повеќедецениската успешна активност на организацијата, се очекува дискусиите да се фокусираат на потенцијалот на ОБСЕ и придонесот во превенирањето и решавањето на конфликтите. Во пресрет на одбележувањето на 20 години од истанбулскиот самит кога организацијата донесе клучни одлуки за адаптирање кон новите состојби по завршувањето на студената војна, се предвидува министрите да разговараат и за идните активности на ОБСЕ со цел таа да одговори на сè поголемите безбедносни трендови и предизвици.

Покрај учеството на пленарните сесии и работниот ручек, предвидено е министерот Никола Димитров да оствари и билатерални средби со своите хомолози.



Спонзорирани линкови

Маркетинг