Втор дом за вашите миленици

Точка

04/07/2019

10:40

3.908

Големина на фонт

а а а

Можеби сте од оние кои секаде го носат со себе својот миленик или што би рекле „не се двоите од него“. Но, доколку се најдете во ситуација да морате да го оставите, а немате каде има решение и за тоа. Некои од вас можеби веќе посетиле некоја од игротеките за миленици, а некои се уште се мислат што да прават. Разговараме со идејните творци и сопственички на првиот хотел за кучиња во нашата земја Михаела Поповиќ и Наде Богоевска.

Специјално оградени делови за вежба и игра на кучиња, со рампи за вежбање, таканаречени рампи за агилност и тренинг на кучиња, дел за водени играрии, со базен за кучињата, песок и простор со трева за слободно истрчување на кучињата, фризер, спални и што ли уште не… 

Кои миленици може да престојуваат кај вас?

- АвАв Хепи Дог е првиот забавен парк во Македонија специјално креиран -и изграден само за кучиња кој е формиран како социјално претпријатие. Креиран е и изграден целосно од рециклирани материјали, што е во целосна согласност со нашите вредности и верувања да бидеме одговорни кон животните, животната средина и кон планетата воопшто. Сместен е само на 5 километри од центарот на Скопје. Нуди паркови со рампи за агилност и тренинг на кучиња, базен во форма на коска со прскалки за забава на вашите миленици, широка тревна површина за игра без поводник, кафе бар за релаксација на сопствениците и кучињата, груминг со нај современа козметика за нега, како и пекара со домашно направени здрави тритови и сладоледи. Создадовме центар во кој секој ќе се чувствува пријатно со својот миленик, место за дружење каде што се разменуваат искуства, се оддржуваат јавни настани со различни соддржини, а се поради подигање на свеста и одговорноста за добра нега на кучињата од сопствениците, а особено на децата како идни одговорни сопственици на кучиња.


Дали ова е само бизнис или начин на живеење за вас?

- АвАв хепи дог центарот работи една година, но за да се создаде , идејата кај нас постои уште одамна. Уште кога бевме деца ние сме вистински љубители на кучиња, и секогаш сме се грижеле за нив, не само за нашите домашни миленици, туку и за уличните кучиња. Со тек на годините тоа прерасна во наше секојдневие.

Ние од кога знаеме за себе сме ја имале истата визија, а тоа е да создадеме заедница каде што секое куче ќе има траен дом, на секое куче да му е обезбедена основната нега и градот Скопје да биде град без напуштени кучиња и без насилство врз животните. Пред една година, со многу труд, работа и љубов кон кучињата успеавме нашата идеја која тлееше во нас повеќе од една деценија да ја реализираме и еве сме денес овде во првиот парк за кучиња во државава. Нашата визија и мисија сеуште се развиваат но ние секојдневно работиме за добробит и благосостојба на кучињата.

Како се одвива еден ден таму, што подразбира грижата за нив?

-Во паркот има специјално оградени делови за вежба и игра на кучиња, со рампи за вежбање, таканаречени рампи за агилност и тренинг на кучиња, дел за водени играрии, со базен за кучињата, песок и простор со трева за слободно истрчување на кучињата. Но пред да започне денот паркот се чисти и се дезинфицира со специјални предвидени за тоа, еколошки средства. Детално се чисти и затворениот дел, и кафулето како и просторот каде што престојуваат и спијат кучињата. Денот за кучињата започнува според индивидуалниот ритам и навики што ги има секое куче поединечно. За тоа се консултираме со сопствениците.Тимот на АвАв хепи дог паркот во договор со сопствениците прави дневна програма за секое куче. Во зависност кога вообичаено јаде, извршува нужда или има некои посебни рутини. Некои кучиња сакаат веднаш да играат, спремни се за тренинг и дружба со други кучиња сакаат да трчаат на сонце или пак да лежат под сенка или во климатизиран затворен дел и се зависно од возраста и навиќите кои ги стекнале. Сето ова се прави под надзор на тимот на АвАв паркот. Кучињата секогаш имаат свежа вода за пиење, здрава лиценцирана универзална храна но и домашно направени здраво тритови. Многу љубов, трпеливост, внимание и посветеност од обучените членови на тимот.


Како се справувате со потемпераментните?

-Темпраментните кучиња се среќни и здрави кучиња кои бараат поголема активност и внимание како од сопствениците така и од обучените членови на тимот на АвАв хепи дог паркот. Нивниот дневен ритам е поактивен, тие повеќе време сакаат да трчаат да се во движење, сакаат да играат со топчиња, да скокаат на справите за агилност и да играат со други кучиња и со членовите на тимот. На таков начин го трошат вишокот на енергија што го имаат и потоа спокојно се одмараат. Темпераментот на кучињата зависи од нивниот карактер колу сакаат да се дружат и се активни учесници во нашата програма за социјализација на кучиња која опфаќа повеке сегменти на однесување на кучето, во друштво со други кучиња но и со луѓе, дресура и воспитување на кучето како и стекнување на рутини кои се важни како за миленикот така и за сопственикот. Кучињата во нашиот парк доаѓаат со сопствениците, играат слободно на чист воздух под надзор на нашиот тим додека сопствениците се релаксираат во нашето кафуле.

Каде спијат и како им објаснувате дека им е време?

-Во АвАв хепи дог паркот функционира, дневен престој, градинка и луксузно направен хотел за подолг престој на кучиња. Во склопот на овие услуги имаме најдобра нега, слободна дневна игра на кучињата, без ланец, во првокласни услови и стандарди на Ресорт. Во Авав хепи дог Центарот кучињата се третирани и негувани по светски стандарди без ланци, бетонски боксови или кафези. Навечер тие преспиваат во луксузни спални соби специјално дизајнирани за нив. Навечер по дневните активности, откако ќе бидат нахранети со омилениот оброк или храна по желба на сопствениците, и откако ќе си ги извршат физиолошките потреби, кучињата задоволни и уморни од дневните игри се внесуваат во нивниот индивидуален простор каде имаат свежа вода и удобни кревети но и омилени играчки. Кучињата самите знаат дека е време за спиење и без проблем заспиваат задоволни. Ова е дел од нивната социјализација и стекнување на рутини.

Во рамките на дневниот престој и градинката кучињата само дневно престојуваат во паркот, се одмараат во за тоа предвиден простор на удобни перници но не преспиваат. Кучињата наутро ги земаме од дома, имаме дневни активности со нив и попладне им ги враќаме дома на сопствениците. Кучињата се среќни, уморни од игра и активности во паркот и спремни се за попладневна дремка, во нивниот дом. Дневниот престој или градинката за кучиња работи од 9 до 17 часот, за кои се заинтересирани многу љубители на кучиња посебно оние кои живеат во станови или се презафатени да ги обезбедат редовните потребни физички активности на нивните миленици.


Со каква храна ги храните?

-Кучињата во АвАв хепи дог Центарот ги храниме со стандардизирана лиценцирана храна но кај нас може да јадат и специјално за нив направени тритови. Во нашата пекара, подготвуваме здрави тритови и деликатесни печива со намирници наменети за исхрана на кучиња, без конзерванси, додатоци и емулатори. Нашата храна го подобрува здравјето на кучињата и им дава убава енергија. Кучињата пак кој се во градинката на дневен престој како и гостите во хотелот ги храниме со стандардизирана квалитетна храна или со храна која си ја носат сопствениците за нивните миленици.Исхраната е многу важна за кучињата и се знае дека храната за луѓе не се препорачува за нивното здравје. Во кујната на АвАв хепи дог паркот во лето се подготвуваат и специјални сладоледи за кучиња со здрави намирници за разладување на милениците.

Имате и фризерски услуги, како успевате да ги натерате да бидат мирни?

-Имаме и салон за шишање и бањање на кучињата. Во салонот работи специјално обучен грумер мајстор со современа специјална опрема, и козметика. Грумирањето на милениците во салонот на АвАв Центарот поминува без траума за миленикот бидејки се што правиме во нашиот среќен парк е со многу љубов и посветеност. По третманот кучињата мирисаат и изгледаат убаво. Во фризерницата се третираат и кучиња кои подолго време се несредени, со затуткани влакна или со паразити, и правиме подолг специјален третман. Секој одговорен сопственик сака неговото куче да има сјајни влакна, да биде негувано. Но не се работи само за фризура туку и за чување на здравјето на миленикот. Во салонот на АвАв центарот добивате и бесплатни совети од нашиот грумер.



Колку миленици згрижувате дневно, се зголемува ли бројката во лето?

-Постојано има интерес за сместување на домашни миленици-кучиња и во дневниот престој, градинката како и во хотелот, во текот на целата година. Доаѓаат и сопственици со своите кучиња кои сакаат денот да го поминат во нашиот забавен парк , на чист воздух и во природа,посебно во време на викендите. Овде им нудиме дневна забава на милениците како и на сопствениците, освежување, а организираме и разни семинари за едукација во соработка со здруженија, и институции кои се занимаваат со здравјето и социјализацијата на кучињата. Во нашиот парк секој кој ги сака кучињата е добредојден. Овде се разменуваат искуства, се едуцираме, планираме и сугерираме како да постигнеме оголема благосостојба за кучињата.

Има ли инциденти меѓу нив, со оглед на тоа дека и во градинка децата знаат да се степаат, а не животни што се водат по инстинкт?

-Тимот составен од обучени професионалци врши проценка кои кучиња можат меѓу себе да се дружат и да си играат. Се одредува кои кучиња и според големината и според карактерот се согласуваат многу повеќе.

Никогаш не им дозовлуваме на поголемите кучиња да си играат со помалите или повозрасни кучиња зошто лесно можат да се повредат или да доживеат стрес. Но има и исклучоци кога се работи за слични карактери. Сепак нивната игра и дружба е под голем надзор на тимот во паркот.


Малите кученца се потолерантни, лесно се потчинуваат и сакаат да се борат и така да играат. Затоа некои поголеми кучиња сакаат да си играат со нив. Нашиот тим на АвАв хепи дог центарот постепено и со внимание ги спроведува процедурите, го набљудува однесувањето на кучињата и нема да го замеша кротко куче со многу темпераментни па и агресивни кучиња. Тоа е од причина што кучето може да се стекне лоши навики, вклучувајки агресија од страв и да почне да лае кон непознати луѓе и други кучиња. Затоа секојдневно работиме на социјализацијата на кучињата.

Поради тоа во АвАв паркот има повеќе одделни содржини и оградени делови со посебни огради, во кои полека се социјализираат и се дружат група на кучиња со слична големина и карактер.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг