Не сакаме човек на Сорос! Бурно во ЕУ: Лидерите се расправаат околу фотелјата, пратениците не сакале да станат на химната

Точка

02/07/2019

20:03

5.460

Големина на фонт

а а а

Лидерите на ЕУ почнале да се собираат во Брисел за да ги продолжат преговорите за именување на водечките позиции на институциите на ЕУ.

Трет ден по ред лидерите на ЕУ ќе се обидат да дојдат до компромис за идниот претседател на Европската комисија. Во пакет се бираат и претседател на Европскиот совет, шеф на дипломатијата и претседател на Европската централна банка. 

И веќе на почетокот - инцидент. Европските пратеници од десничарските партии, кои го поддржуваат Брегзит, како и независноста на Каталонија, го попречувале денешното формално отворање на седницата на Европскиот парламент.

Некои не сакале да станат на химната на ЕУ, "Ода на радоста" од Бетовен, додека други, во главно од редовите на британската партија "Брегзит", го завртеле грбот во текот на церемонијата.

Се протестирало и поради одлуката на каталонскиот сепаратист Карлес Пуџдемон да не му се дозволи да го заземе своето место, но и поради германскиот капетан на брод Карол Ракет, која е притворена во Италија поради спор во врска со мигрантските права.

После тоа, седницата продолжила.

Пред состанокот на лидерите земји-членки на ЕУ, одвоено се состануваат лидерите на Вишеградската четворка - Унгарија, Чешка, Словачка и Полска, кои вчера отворено се спротивставиле на изборот на холандскиот социјалист Франс Тимерманс за претседател на Европската комисија.

Доаѓајќи на денешната рунда разговори, премиерот на Чешка Андреј Бабиш повторил дека за Вишеградската група, Франс Тимерманс не е прифатливо решение.

"Сакаме претседател на Комисијата со кој нашиот регион ќе може да комуницира и кој нема негативен поглед на нашиот регион. За нас проблем е само тоа едно име", порачал Бабиш.

Именувањето на социјалистот Тимерманс за претседател на Европската комисија може да биде отфрлено и само на основа на тоа дека тој е "човек на Џорџ Сорос", но главната причина поради која Вишеградската група не го поддржува е тоа што тој е "идеолошки борец и е против секој што има поинаков поглед на светот", рекол унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Орбан рекол дека развојот на настаните на самитот на ЕУ, на кој се бираат лидери на главните европски институции е како трилер, и инсистирал дека некои европски лидери, вклучувајќи го и Тимерманс, одлучиле Европската комисија да ја води приврзаник на невладините организации на Џорџ Сорос.

"Го најдоа вистинскиот борец Тимерманс, кој нема да ги толерира различните гледишта од неговите, и гледиштата кои отстапуваат од либералната демократија", рекол Орбан.

Предупредил дека таа група, ако го заземе местото претседател на Комисијата, од таа позиција ќе се обиде да ја реструктуира средна Европа, посебно во поглед на миграцијата. Орбан смета дека Тимерманс, ако биде избран, ќе воведе поделба меѓу истокот и западот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг