Со традиционалното авијациско добредојде – воден мост за авионот ербас А 320 на авиокомпанијата „Еуровингс“ и слатки за патниците, ТАВ Македонија го пречека првиот лет од Штутгарт на аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, утринава, по повод отворањето на двете нови сезонски дестинации – Штутгарт и Дизелдорф, како и влезот на „Еуровингс“ како нова авиокомпанија на македонскиот пазар.
„Од денеска, 1 јули, ‘Еуровингс’ ќе лета на дестинацијата Штутгарт-Охрид двапати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17 јули авиокомпанијата ќе ја отвори својата втора сезонска дестинација од охридскиот аеродром – Дизелдорф, на која ќе лета секоја среда до крајот на август. Очекуваме овие две нови дестинации, Штутгарт и Дизелдорф, да го зголемат бројот на патници на аеродромот во Охрид, како и бројот на германските туристи на прекрасното Охридско Езеро. Во исто време, двете нови дестинации ќе отворат нови можности за локалното население кое ќе може да го избере ‘Еуровингс’ за нивните патувања и да ги искористат поволностите од широката мрежа на 210 дестинации низ целиот свет, вклучувајќи и далечни дестинации до Северна Америка, Јужна Америка и Азија“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата лета од Штутгарт до Охрид, секој понеделник, со време на пристигнување во Охрид во 9:25 часот и време на полетување за Штутгарт во 10:15 часот. Во петок летовите ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром во 10:15 часот и ќе заминуваат за Штутгарт во 11:05 часот. Летовите до Дизелдорф, како втора нова дестинација од аеродромот во Охрид, што ги воведе „Еуровингс“ ова лето, од 17 јули, ќе бидат секоја среда, пристигнувајќи на аеродромот во Охрид во 18:10 часот, со заминување за Дизелдорф во 18:50 часот.
Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ во моментов опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни нисокобуџетни авиолинии преку целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд. Останатите 12 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана, Штутгарт и Дизелдорф.