Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека албанската опозиција си поигрува со судбината на земјата и нивниот повик на бојкот на локалните избори на 30-ти јуни е антинационален план кој има за цел да го блокира членството на земјата во Европската унија.
Рама на изборниот митинг порача дека опозицијата „вреска“ затоа што се плаши од правдата која треба да важи подеднакво за сите откако ќе се отворат преговорите со Европската унија.
„Тие „врескаат“ од страв. Чувствуваат голем страв од отворањето на преговорите со Европската унија, затоа што со отворањето на преговорите со ЕУ, започнува едно ново поглавје“, изјав албанскиот премиер Еди Рама.
Коментирајќи ги односите со албанскиот претседател Илир Мета, Еди Рама порача дека Мета превзел „институционално насилство и фрлал Молотови коктели на албанските институции, но и на Америка и Европа“.
Рама на митингот во Тропој бил дочекан од демонстранти, при што дошло и до судир со полицијата. Како што пренесуваат албанските медиуми, за безбедноста на премиерот во овој албански град биле ангажирани дури илјада полицајци.
Албанскиот изборен колегиум пред два дена не ја уважи одлуката на претседателот Илир Мета за одлагање на локалните избори во оваа земја и ја потврди одлуката на Централната изборна комисија за држување на изборите на 30-ти јуни.
Политичката и институционалната криза во Албанија се продлабочи откако претседателот Илир Мета одлучи да го одложи изборниот процес, нагласувајќи дека нема да дозволи организирање на избори без учество на опозицијата и изрази стравување за избивање на граѓански судири за време на протестите на опозицијата.