Османи: Нашата држава е пример на Балканот за тоа како функционира мултиетничка демократија

Точка

25/06/2019

20:58

1.054

Големина на фонт

а а а

Шекеринска во своето обраќање нагласи дека концептот „Едно општество за сите“ е суштината на политиката која ја нуди Владата од самиот почеток и дека внатрешната интеграција е исто толку важна колку евроинтеграциските процеси.

Во Скопје денеска се одржа завршната јавна дискусија за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, каде што свои обраќања имаа вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска.

„Успехот во интеграцијата во НАТО и ЕУ, успехот во интеграцијата со Брисел не е доволен успех, ако не успееме да понудиме интеграција внатре во државата и концептот ‘Едно општество за сите’ така ја дефинира нашата цел – да обезбедиме повеќе канали на комуникација, разбирање помеѓу различните и таа интеграција ќе биде всушност најголемото безбедносно, економско и социјално сидро за нашата држава“, рече министерка за одбрана.

Вицепремиерот Бујар Османи посочи дека позитивно гледа на фактот што концептот „едно општество за сите“ е поставен високо на политичката агенда, не само на Владата, туку и на граѓанскиот сектор.

„Веќе никој нема дилема дека Република Северна Македонија претставува редок пример на Балканот каде се негува функционална мултиетничка демократија од каде потоа произлегува и успешноста во изградбата на едно стабилно и функционално мултикултурно и мултиконфесионално општество“, рече Османи.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во своето обраќање ја истакна значајната улога на медиумите, особено на јавниот сервис во промовирање на вредностите на „едно општество“.

„Се издвојуваат два приоритети кога се во прашање медиумите, првиот е унапредување на медиумскиот простор во функција на навремено, непристрасно и објективно информирање на сите граѓани и промовирање на медиумскиот плурализам; вториот е јакнење на медиумската писменост кај граѓаните од сите возрасти“, подвлече Поповски.

Програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска, ја поздрави посветеноста на Владата за систематично и сеопфатно развивање на овој концепт и ангажирање на сите институционални механизми, интелектуални сили, знаења и капацитети на граѓанското општество за создавање на Националната стратегија.

На јавната дискусија свои мислења изнесоа и претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните организации, кои дадоа конструктивни сугестии, коментари и предлози за намалување на поделбите и создавање услови за подобро и подеднакво општество за сите.




Спонзорирани линкови

Маркетинг