Европа на удар на жесток топлотен бран: Франција се подготвува за рекордни температури

Точка

24/06/2019

15:17

2.358

Големина на фонт

а а а

Франција се подготвува за бран на високи температури кои се очекува до крајот на оваа седмица да надминат дури 40 степени, нешто што би било рекорд кога станува збор за јуни.

Се очекува дека порастот на температурите ќе започне со денешниот ден, односно од досега регистрирани 35 степени Целзиусови, се очекува температурата оваа седмица да продолжи да расте, а врвот да го достигне во четврток и петок.

Северот на Франција, вклучувајќи го и Париз, ќе биде најмногу погоден, а како дел од планот на француската влада за справување со високите температури, ширум земјата се поставуваат привремени фонтани и помали јавни базени.

Водата ќе се дистрибуира до граѓаните и планот за нега ќе биде на сила за „загрозените граѓани“, односно пред се постарите луѓе, затоа што високата влажност ќе доведе до тоа наместо 40 степени, луѓето да чувствуваат температури од 47 степени Целзиусови само во Париз, пренесува „БиБиСи“.


Германија, Швајцарија и Белгија исто така овие денови би можеле да се соочат со рекордни температури за јуни, но засега најажурни во врска со справувањето со топлотниот бран се француските власти, откако се проценува дека во 2003-та година, од слични горештини во земјата починале дури 15 илјади луѓе.

Националниот метеоролошки сервис “Meteo France” ги предупредува граѓаните да избегнуваат да излегуваат од своите домови, затоа што високите температури ќе траат до крајот на оваа седмица, а навечер нема да паднат под 20 степени.

Градските власти на Париз го активираа третото ниво на екстремно топлотен бран – максималното четврто ниво никогаш не е активирано досега.


Дел од тој план подразбира одредување на околу 900 „студени места“ кои ќе имаат пониски температури од градските улици. Тоа се парковите, климатизираните јавни сали и области во кои што има привремени фонтани и прскалки. Градските власти најавија дека дополнителни 13 паркови ќе бидат отворени и во текот на ноќта

Тропските температури инаку пристигнуваат во овој дел од Европа од Атлантикот, од правец на Африка, преку Шпанија каде што исто така метеоролошките служби предвидуваат температури повисоки од 35 степени Целзиусови ширум земјата, додека во некои региони се предвидуваат и температури до 42 степени.

Германските власти исто така предвидуваат дека температурите во некои региони ќе достигнат рекордни мерења за овој период од годината, односно ќе бидат највисоки во последните 30 години. Пеколно ќе биде во престолнината Берлин, но и Франкфурт и Хамбург каде температурите ќе достигнат до 38 степени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг