За шест дена и официјално ќе заврши двегодишната позајмица на Хамес Родригез од Реал Мадрид во Баерн Минхен.
Иднината на колумбискиот фудбалер се уште е неизвесна, а медиумите како најголем фаворит за неговиот потпис го посочуваат тимот на Наполи. Дека има преговори со италијанскиот клуб потврди и самиот Хамес кој сепак истакна дека се уште не знае каде ќе игра следната сезона.
– Навистина не знам каде ќе играм. Сега мислам само на Копа Америка. Мора да останам смирен и фокусиран за натпреварите во дресот на Колумбија. Дали ќе одам во Наполи зависи само од договорот меѓу клубовите. Луѓето во клубот работат на тоа, а јас од овде не можам ништо да сторам, -изјави Хамес Родригез.
На новинарско прашање дали разговарал со тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, Хамес даде негативен одговор што дава до знаење дека тој сигурно ќе си замине од „кралскиот клуб“.