Еден Азар неодамна и официјално беше претставен на „Сантијаго Бернабеу“ како најзвучно засилување за Реал Мадрид ова лето, потег кој и не беше огромно изненадување ако се знае дека белгискиот фудбалер веќе извесно време пројавуваше желба да заигра за „кралскиот клуб“.
Крилниот напаѓач е првото ѕвездено засилување на Реал по пауза од неколку години, па медиумите си дадоа за право да го наречат „Галактико“ потег поради тоа што неговиот трансфер надминува 100 милиони евра. Очекувањата од Азар ќе бидат многу големи во новата сезона, а иако станува збор за играч кој добро се снаоѓа и пред противничкиот гол, легендарниот Камачо смета дека ни одблиску тој не е замената за Кристијано.
– Азар е Галактико потег, но нема ништо слично со Кристијано Роналдо. Азар не е „убиец“ во шеснаесетникот, сосема е поразличен. Тој е играч кој им помага на другите играчи да ја креираат играта, може да направи тимот да постигнува повеќе голови. Наспроти носењето на Галактико имиња, Реал во новата сезона ќе мора да ги врати во форма и играчите како Крос и Модриќ кои не беа на нивото од пред две години, а кои беа круцијални претходно, – вели легендарниот играч и тренер на Реал.