Над 30 илјади деца до 14 години вакцинирани против мали сипаници

Макфакс

21/06/2019

18:53

256

Големина на фонт

а а а

Министерството за здравство соопшти дека вкупниот број вакцинирани деца на возраст до 14 години со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата во целата држава, изнесува 30.406.

Од нив, 15.491 се вакцинирани во Скопје, а 14.915 деца се вакцинирани во останатиот дел од државата.

Од ресорното министерство информираат дека во периодот од 14 до 21 јуни годинава се пријавени вкупно 59 нови случаи на мали сипаници.

„Вкупниот број случаи на државно ниво од декември 2018 заклучно со 21 јуни годинава изнесува 1.814 случаи, со стапка на заболување од 87,7 на 100 илјади жители“, истакнуваат од министерството за здравство додавајќи дека во анализите не се земени предвид отфрлените случаи и лицата за кои недостига лабораториска потврда.

Од почетокот на епидемијата, досега, во центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 5.305 дози од вакцината, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Од министерството велат дека вакцинацијата е единствената мерка за заштита од мали сипаници и оти не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг