Жената чиј стан изгоре во пожарот во Кисела Вода моли за помош

Макфакс

21/06/2019

15:37

2.811

Големина на фонт

а а а

Една кесичка во која ѝ стои мобилниот телефон е сè што сега поседува 58-годишната Милена Стевчевска, од чиј стан пред десетина дена се прошири стравотниот пожар во зградата во близината на Расадник, Кисела Вода.

„Не сакав да се одвојам од дома кога избувна пожарот. Не можев да сфатам дека за толку кратко време може сè да изгори. Сега сум само со оваа кеса и паричникот што ми го купи ќерка ми. Излегов од домот само со едни папучи и ова што го носам на себе“, вели таа плачејќи.

Во станот, кој е целосно уништен, а во кој таа живеела од 1983 година, Стевчевска влегува вторпат по пожарот. Ниту знае како ќе го реновира ниту како ќе преживува и каде воопшто ќе живее во иднина. Од институциите се чекаат одговори, а од граѓаните помош. Сопругот на Милена е починат во далечната 2002 година и оттогаш е самохрана мајка на две ќерки. Зема пензија од девет илјади денари, која ја наследила од сопругот, и тоа е целиот нејзин месечен приход.

Иако пожарот почнал од нејзиниот стан, штета претрпеле многу луѓе од соседните станови. Комплетно се изгорени уште неколку стана на овој и на катот над Стевчевска.

Двата влеза во зградата веќе десетти ден немаат струја.

„Им велам, поради мојот стан, сега сите вие страдате и живеете во оштетени станови. Со ноќи не можам да спијам од гризење на совеста“, вели таа.

Стевчевска во станот живеела со ќерка си, золвата и внукот, кои во тој период биле надвор од земјава. Таа вели дека во еден момент во станот снемало струја, а кога влегла во собата на внукот, видела како гори креветот. Таа не е задоволна од брзината на противпожарните екипи.

„Горе гореше, а тие дојдоа и не мрдаа. Им сметале паркираните возила, не можеле да пријдат. Дури потоа разбрав дека дошле неподготвени и помина речиси цел час додека да се организираат“, вели Стевчевска.

Оваа жена сега живее во малиот стан на другата ќерка, а надлежните ѝ ветиле дека ќе добие сместување во студентскиот дом „Пелагонија“, но засега од ова ветување нема ништо.

Целото сведоштво на Стевчевска може да се гледа во видеото на „А1 он“.

Таа очајно бара помош од граѓаните за да може да го преживее периодот што следува. Стевчевска нема никаков документ за лична идентификација бидејќи сè изгорело во пожарот, па апелира секој што може да уплати барем минимални средства на жиро-сметката на ќерка ѝ:

Ирена Стевчевска

Сметка: 210601593318751

Тутунска банка

Со назнака: Донација за Милена Стевчевска



Спонзорирани линкови

Маркетинг