Филипче: Унапредувајќи ја регионалната соработка, ја подобруваме грижата за пациентите

Макфакс

20/06/2019

16:48

1.248

Големина на фонт

а а а

Во рамките на годинешното македонско претседавање со здравствената мрежа на Југоисточна Европа, на 20 и 21 јуни во просториите на Министерството за надворешни работи се одржува редовниот 41. пленарен состанок на ниво на националните координатори на државите членки, нејзините партнери, како и други високи гости и пријатели на оваа регионална организација со седиште во Скопје.

Како што информираат од владината прес-служба, главна тема, покрај редовните активности на регионалната иницијатива, е и еден од најголемите предизвици во регионот, а тоа е спречување на процесот на заминување на младата работоспособна сила од областа на медицината.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето поздравно обраќање истакна дека системот за примарна здравствена заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи.

„Се гордеам што можам да напоменам дека и на национално ниво и во текот на минатата година ја унапредувавме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во февруари 2019 заедно со Светската здравствена организација го организиравме националниот форум за здравство ‘За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија’. Нашата држава е првата земја во светот што го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита врз основа на декларацијата од Астана, која беше усвоена во октомври 2018 година“, изјави Филипче.

Тој потенцира и дека преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и да работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила.

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, ја потврди активната улога на земјава во годинешното претседавање со влијателната регионална иницијатива, која е единствена од овој профил во делот на Југоисточна Европа.

„Темата за здравствените политики и изнаоѓањето заеднички решенија и мотиви за унапредување на севкупниот простор од областа што е дел од многуте повелби и декларации, тргнувајќи од ООН преку ЕУ и други најголеми светски организации, е една од највлијателните и клучни елементи што во последно време заземаат сè повеќе интерес од сите граѓани во нашите држави“, рече Жерновски.

Состанокот е во рамките на годинешното македонско претседавање (јули 2018 – јуни 2019) со здравствената мрежа на ЈИЕ, а во координација со извршниот комитет и Секретаријатот на оваа регионална организација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг