Пресудата за 27 април е на 1056 страници, адвокатите се жалат на рокот

Макфакс

17/06/2019

19:51

1.617

Големина на фонт

а а а

Пресудата за 27 април кога се случи насилниот упад во Собранието е напишана на 1056 страници и веќе им се дели на дел од обвинетите, тврдат дел од адвокатите, кои коментираат дека максималниот рок за нејзиното изготвување е 60 дена, а дека таа е готова по повеќе од 90 дена, најверојатно поради обемноста.

Рокот за жалба е 15 дена, што според некои од адвокатите е прекраток период за да се прочита, да се анализира и да се состави квалитетна жалба.

Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за крвавиот четврток.Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков е осуден на 18 години затвор. Началникот Митко Пешов, началникот Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, полициски службеник и дел од обезбедувањето на експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски се осудени на 15 години затворска казна. Игор Дурловски е ослободен од обвинението. 

Оливер Поповски, полициски службеник, е осуден на 13 години затворска казна, Оливер Радулов на 10 години, Мунир Пепиќ, вработен во Агенција за разузнавање е осуден на 15 години затвор. 

Абдуљфета Алими, член на обезбедувањето на Собранието е осуден на 7 години, Младен Додевски на 12 години, Јане Ченто на 15 години затворска казна, Горанче Анѓеловски на казна затвор од 12 години, Игор Југ на 12 години. Влатко Трајковски е осуден на казна затвор од 15 години, Вилјам Михајловски е осуден на затворска казна од 14 години, Никола Митревски Кољо е осуден на 15 години и Александар Василевски-Нинџа е осуден на затворска казна од 8 години. 

По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица во овој случај беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски, како и тројца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски – Бетмен, режисерот Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг