На руската национална телевизија деновиве беше прикажано видео од пробното лансирање на „новата руска пресретнувачка ракета“ на полигонот за тестирање Саришаган во Казахстан.
Како што соопшти заменик командантот на единицата за противракетна одбрана на Русија, Владимир Сергијенко, ракетата успешно ја погодила целта. Иако називот на ракетата не е наведен, експертите веруваат дека станува збор за „ПРС-1М“ која и претходно била тестирана на истиот полигон.
Овие ракети се дел од противракетниот систем „А-135“ кој има неколку типови на ракети, а можат да се лансираат или од ракетен силос, или пак од транспортер.
„ПРС-1М“ е пресретнувачка ракета која не служи за одбрана од авиони и крстосувачки ракети. Покрај тоа, оваа ракета нема така широк спектар на употреба како системот „С-400“. Единствената намена за оваа ракета е пресретнување на американските нуклеарни ракети и на тој начин да ја заштити Москва и другите стратешки места во Русија.
„ПРС-1М“ е значително побрза и посмртоносна од претходниот тип „54Т6“. Наводно станува збор за најбрзата ракета на светот со брзина од 4 километри во секунда, односно неверојатни 14,500 километри на час.
Дометот на оваа ракета е скромни 350 километри, но противничките ракети може да ги пресретне на висина до 50 километри. За да може да постигне така голема брзина, развиена е специјална заштита од топлината, а создадена била и целосно нова електроника која може да издржи неверојатно забрзување.
Наместо конвенционалната касетна боева глава, оваа ракета е вооружена со специјална боева глава со сила од неколку килотони која се активира на голема висина.