Мијалков до сведокот Костовски: Како да бидеме сигурни дека некој од надвор не прислушувал?

Макфакс

11/06/2019

11:49

2.659

Големина на фонт

а а а

Во Кривичниот суд, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, продолжи да го испрашува сведокот Звонко Костовски во предметот за масовното прислушување „Таргет Тврдина“.

На почетокот, Мијалков повторно побара Костовски да прикаже доказ за неговите тврдења во сведочењето. Костовски рече дека такви докази нема, а Мијалков иронично искоментира дека треба да му се верува само на зборот.

Мијалков го праша Костовски за настан кога Израелците ја презентирале на три лаптопи опремата за прислушување, и во живо следеле 30 разговори, случајно уловени од клонираната базна станица. Праша како може Костовски да гарантира дека на ваков начин не снимал некој друг.

Костовски рече дека тоа е можно, но во тој случај, како што рече, станува збор за пасивно снимање во кое вториот соговорник или ќе се слуша добро, или лошо, или воопшто нема да се слуша, а со снимките од УБК, квалитетот на тонот и кај двата соговорници е одличен.

„Сигналот од базната станица до уредот е одличен, но телефонот до базната станица е многу послаб“, рече Костовски. На тоа Мијалков рече дека не се сложува и оти снимките кои ги слушале со Израелците на презентацијата на опремата биле одлични.

Во предметот „Таргет – Тврдина“, покрај, ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, обвинети се избеганиот поранешен началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Првото рочиште беше одржано на 17 јануари 2018 година, а постапката е закочена неколку месеци на сослушување на вториот сведок на СЈО.

Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг