Мајкрософт за време на „Е3“ презентацијата откри и детали за најновата генерација на својата популарна конзола која ќе се судри со главниот ривал – PlayStation 5 на Sony.
Новиот Xbox се развива под кодното име Scarlett и според производителот, ќе биде четири пати побрз од Xbox One X и ќе работи со моќниот AMD процесор.
Scarlett ќе овозможи брзина на освежување на екранот од 120 FPS што е двојно повеќе од капацитетот на најголемиот дел од актуелните телевизори. Новата конзола исто така ќе има и SSD диск кој ќе го замени HDD дискот, што значи дека вчитувањето ќе биде далеку побрзо отоколку на класичниот механички хард диск.
„Конзолата ќе биде изградена и оптимизирана за само една, единствена работа – гејминг“, изјави претседателот на Xbox, Фил Спенсер.
Од Мајкрософт најавија дека новата генерација на нивната гејминг конзола, која ќе нуди гејминг искуство во 8К резолуција, ќе пристигне на пазарот истовремено со популарната видео игра Halo Infinite.
Тоа значи дека новата генерација на Xbox би требало да пристигне на пазарот во текот на Божиќните празници идната година, а овој чекор најверојатно ќе го следи и Sony со претставувањето на новиот PlayStation 5 кој ќе биде дури 10 пати побрз од четвртата генерација на оваа гејминг конзола.