Штрајкот со глад не звучи како најефикасен начин за враќање на изгубената љубов, но функционирал во случајот на еден Индиец кој кампувал пред куќата на поранешната девојка и одбивал да јаде додека не се согласи да се венча со него.
Ананта Бурман, младо момче од индиската сојузна држава Западен Бенгал, бил осум години во стабилна врска, сè додека неговата девојка Липика едноставно не ја прекинала комуникацијата со него, одбивајќи да одговори на неговите телефонски повици и пораки, а го блокирала и на социјалните мрежи.
Ананта заклучил дека нешто не е во ред, а подоцна дознал дека семејството на Липика се договорило таа да се венча за друг маж. Сфаќајки дека има малку време пред засекогаш да ја изгуби, младото момче одлучило дека мора да направи нешто екстремно за да ја врати, па така почнал да кампува пред нејзината куќа во Дупгури и започнал штрајк со глад, пренесува “Oddity Central”.
Неговиот протест брзо го привлекло вниманието на минувачите, а како што се дознавало за неговиот случај, околу него започнале да се собираат луѓе кои го поддржувале. Веста за неговиот штрајк со глад се проширила во локалната заедница, а наскоро на местото на настанот пристигнало и семејството на мажот за кој Липика требало да се омажи, и тоа со полиција за да го отстранат.
Но, Ананта одбивал да се помрдне и да го заврши штрајкот со глад, но како што поминувале часовите, здравјето започнало да му се влошува па бил пренесен во локалната болница. Откако и таму одбивал да јаде, интервенирале локалните жители кои го молеле семејството на Липика да се согласи на неговите услови и практично да му го спасат животот.
Семејството најпосле се предомислило и ја откажало претстојната венчавка, а потоа организирале венчавка за Ананта и Липика. На фотографијата кои ја објавиле индиските медиуми, се гледа парот во текот на традиционалниот брачен ритуал во локалниот храм.
West Bengal: Man goes on fast and dharna in front of girlfriend's house, finally convinces her to get marriedhttps://t.co/ShzfsqgGUc
— DNA (@dna) June 4, 2019