Во аферата на Ибица, со која е урнат австрискиот вицеканцелар и лидер на Слободарската партија на Австрија - FPO, Хајнц-Кристијан Штрахе, една од главните улоги ја имал виенскиот адвокат кој ја поврзал десната рака на Штрахе, Јохан Гуденус, со наводната внука на еден руски милијардер, а медиумите шпекулираат дека рушењето на двајцата политичари би можело да биде последица на внатрепартиски интриги.
Гуденус, во изјавата за австриските медиуми, рекол дека еден виенски адвокат го поврзал со наводната внука на рускиот милијардер. Според неговите зборови, се почнало на 24-ти март 2017-та година, во едно виенско кафуле, каде наводната внука на руски милијардер, нејзин пријател од Германија и виенскиот адвокат, стапиле во контакт со Гуденус.
"Жената се претстави како Летонка и во ресторанот дојде со "Мајбах" со шофер", вели Гуденус. Рекол дека посредничка за продажба на недвижнини, со која долго бил пријател, му се јавила и му кажала дека некој се интересира за неговото ловиште.
Околу таа работа се вмешал и адвокатот, кој потоа воспоставил контакт и ги потврдил идентитетите на заинтересираните купци - Летонката и нејзиниот пријател од Германија.
Адвокатот и Германецот, како понатаму вели Гуденус, тврделе дека се долгогодишни пријатели.
Според неговите зборови, добивањето на неговата доверба траело половина година, со повеќе состаноци. Навел дека Летонката ја видел два до три пати во Виена, нејзиниот пријател од Германија почесто, а дека по кобната вечер на Ибица, таа жена повеќе никогаш не ја сретнал. Рекол дека повремено бил сомничав, но дека не помислил дека се работи за измама.
"Многу ми е непријатно што го вовлеков и шефот во ова", констатирал Гуденус.
Виенскиот дневник "Kurier" се обидел да ја провери приказната кај споменатиот виенски адвокат, но наместо да одговори лично, тој ангажирал друг адвокат кој замолил за разбирање, повикувајќи се на обврската за чување на податоците на клиентите во тајност и дека не сака неговото име да се објавува.
Истиот дневник го поставува прашањето кој стои зад оваа измама, дали израелски Мосад, како што тврдат некои кругови во FPO, или пак станува збор за внатрепартиски интриги против двајцата главни луѓе во партијата.
Имено, повеќе инсајдери тврдат дека еден траг води до партиското окружување на Штрахе и Гуденус. Претходно Гуденус рекол и дека наводно испил многу таа вечер, додавајќи дека можеби му било дадено некои средство, бидејќи не се сеќава на многу делови од таа вечер, во текот на која во вилата на Ибица бил снимен собир на кој Штрахе ветувал државни работи во замена за финансиска поддршка.