Израелските медиуми тврдат дека протекле детали од тајниот план кој наводно предвидувал израелски суверенитет над илегалните населби во окупираниот Западен брег.
Што се крие во „договорот на векот“ кој го подготвува американскиот претседател Доналд Трамп во врска со обидот за ставање на крај на вековниот конфликт помеѓу Израел и Палестина? Целиот план е многу таинствен, но веќе некои детали започнаа да се појавуваат во израелските медиуми.
Имено, како што пренесува израелски „Канал 12“, новиот „мировен договор“ предвидувал израелско преземање на еврејските населби на просторот на окупираниот Западен брег.
Израелските медиуми се повикуваат на свои извори, но имајќи го во предвид тоа колку Трамп им излегува во пресрет на Израелците и тоа што тој не ги крие своите симпатии кон оваа држава, голема е веројатноста овие информации да се точни.
Да потсетиме, израелските власти во изминатите години спроведоа план, односно интензивно градеа еврејски населби ширум окупираниот дел од Западниот брег, план кој се интензивираше откако Бенјамин Нетанјаху стана премиер на државата.
Нетанјаху кој после најновата победа минатиот месец, стана најдолговечниот премиер на Израел, а централната порака на неговата предизборна кампања беше ширењето на израелскиот суверенитет во населбите ширум Западниот брег.
Американските медиуми шпекулираат дека „мировниот договор на Трамп“, всушност е договор на кој работи неговиот зет Џаред Кушнер во соработка со блискоисточните сојузници на Соединетите Американски Држави.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас порача дека никогаш нема да потпише никаков договор кој не вклучува целосен палестински суверенитет над Западниот брег, но Американците, доколку овие информации се точни, очигледно мислат дека неговото мислење би можело да се промени.