Бурна ноќ во Тирана: Гореше албанскиот главен град, ситуацијата не се смирува

Точка

14/05/2019

09:30

4.554

Големина на фонт

а а а

Демонстрантите синоќа на анти-владините протести во Тирана фрлаа со Молотови коктели и петарди кон полициските сили кои што стоеа пред зградата на владата.

Ситуацијата синоќа во главниот град на соседна Албанија повторно ескалираше, и сето тоа се случи непосредно откако од САД и Европската унија ги повикаа двете страни на воздржаност со цел да се избегнат нови насилства.

Илјадници демонстранти повторно излегоа на улиците на Тирана и покрај силниот дожд, додека ширум градот надвиснуваше густиот чад од запалените бакљи и објектите кои што гореа, пренесува новинската агенција „АП“, додавајќи дека полицијата во најголемиот дел од случаевите се воздржувала од реакција.


За време на големите протести минатиот викенд, демонстрантите се судрија со полициските сили кои реагираа со солзавец. На двете страни имаше повредени, а поради нередите беа приведени 50 лица.

Во пресрет на синоќешните протести, од Министерството за внатрешни работи на Албанија соопштија дека опозицијата ќе се обиде да ги повтори „насилните дела“.

Премиерот Еди Рама го осуди насилното однесување на демонстрантите и порача дека „Албанија е оштетена“, додека пак опозициската Демократска партија ја обвини владата на Рама дека се обидува да предизвика „конфронтација, судири и страв меѓу граѓаните“.

Опозицијата во Албанија организира протести од средината на февруари, обвинувајќи ја владата за корупција и кражба на гласови на парламентарните избори пред две години. Опозиционерите бараат формирање на преодна влада која ќе организира нови, предвремени избори.



Спонзорирани линкови

Маркетинг