Ивце Пивце искрено за Точка: „Моето школување беше доста скапо затоа што најчесто беше на мој грб и по моја глава“

Точка

11/05/2019

19:41

10.104

Големина на фонт

а а а

Ивица Маринковиќ, односно, за најголемиот дел од јавноста познат како Ивце Пивце, во разговор за Точка искрено зборуваше за трнливиот пат низ животот, за двете авторски детски книги, за уживањето во својата професија...

Ивце најави промоција на својата втора книга, на 13.05 (понеделник), на Саемот на книга, па секако, доколку имате мало дете кое го обожува Ивце, или пак дете кое сè уште не се запознало со него, не ја пропуштајте оваа прилика!

Многумина те препознаваат по емисијата „Ај Ти Замижи“, разговор во кола со дечиња. Што прави Ивце денес?

Уживам!!!
Ја работам најубавата работа во цел свет, работа со деца!
ТВ емисијата „Горе-долу, сите сме еднакви“, настапи со деца низ цела Македонија, надворешен соработник на Колибри, како и редовно вработен во првиот и најголем дневен весник Нова Македонија.


Препознатлив си по тоа што секогаш им остануваш верен на децата, но, како дојде до идеја за снимање емисија со нив во студио?

Идејата беше да се направи детско ТВ шоу.
Ова што сега го гледа публиката е почетна фаза кон тоа ТВ шоу.
На некој начин селекција на моите колеги, деца-водители.


Во меѓувреме се приклучуваат млади луѓе кои си „фаќаат по некоја рубрика“, па така, во септември нѝ се приклучи Цеце, а од пред еден месец и Михаел, полуматурант, како и една млада докторка Наталија, која секоја емисија нѝ подготвува убави, здрави и свежи оброци од овошје и зеленчук.

Кој ти е омилен дел од снимањето?

Дегустацијата на почетокот и на крајот од емисијата.
На почеток дегустираме вицови, а на крајот специјалитети.

Дали имаш поддршка од некого, сам ги подготвуваш емисиите или имаш тим позади себе?

Содржинскиот дел од емисијата ја подговтуваме јас и сопругата Аге во текот на целата недела. Воедно, таа ми е и најголемата поддршка, но и критичар и коректор.

Тимот што ја прави емисијата се моите деца-колеги и нивните родители, како и сите оние професионалци кои може да се прочитаат на одјавната шпица.

Точка открива дека наскоро ќе издадеш ВТОРА книга. Најпрво откриј нѝ нешто од првата, а потоа сакаме детали за втората. :)

Првата книга се вика „Чај од мајчина душичка“ во издание на Матица, издадена во декември 2011-та година. Имаше неколку изданија. Беше прогласена за „Книга на годината“ за 2012-та година.

Втората книга е продолжение на првата. Се вика: „За можење можам, но дали смеам“, во издание на „Просветно дело“. Промоцијата ќе биде во понеделник на 13-ти мај на Саемот на книга во Скопје, на штандот на „Просветно дело“.
Еден од најважните детали се илустрациите на сите раскази. За тоа е задолжен еден млад талент, илустратор, Никола Димов, или кај јутјуберите познат како Nikola’s Art House.


Кој е твојот „рецепт“ за секогаш да си во одлично расположение?

Морам да признам дека не е лесно. Но со текот на годините се учиш. Моето школување беше доста скапо затоа што најчесто беше на мој грб и по моја глава. Но сепак, задоволен сум од рецептот што го измиксав.
На пазарот има разни состојки, да не речам продукти: луѓе и нелуѓе, насмеани и намуртени, среќни и несреќни, позитивни и негативни, искрени и злобни, чесни и нечесни...
Јас одбирам да се дружам само со едните, а останатите ги оставам да се дружат меѓу себе или со некој друг.

Па така, за моето добро расположение, од приложеното одбирам:

100 гр. искрени
100 гр. позитивни
100 гр. среќни
100 гр. насмеани
100 гр. чесни ...
...луѓе...
...и еден „нелуѓ“, кој пак ги има сите погоре кажани состојки! Тоа е мојот малтезер Шарко.

Може ли да им откриеме на нашите читатели некоја необична случка од твојот приватен живот?

Реално, јас и немам некој којзнае колку приватен живот. Постојано сум под будното око на публиката. Ме гледаат на телевизија, но и во влез, во лифт, во продавница, на улица, во кола, на одмор...

Па така, шетам во парк и едно дете ме здогледува, застанува и онака со недоверба ми вика: „па ти си бил жив?“... :))


Дали постои разлика помеѓу Ивце што го гледаме на малите екрани и Ивце во домашна атмосфера?

Па постои. Во аутфитот.
Пред малите екрани сум офишл, дома кежуал, НО секогаш најнови модели. Никогаш не носам лански - не ме збираат.

Која желба сè уште не ти е исполнета?

Имав две, сега само една.
Првата беше да ме има на крстозбор само со слика, без објаснување. Само „види фото“ и толку.
За мене тоа е врв на кариера за некој што работи јавна работа.
Таа желба ми се оствари пред некој ден.
Втората желба е да ми се паднат моите бројки на лото. Ги играм истите еве веќе 36 години, од прва средно.

2,5,9,13,21,30,34

Имам чувство како да не се во игра.
Затоа ги молам луѓето ако случјно најдат некаде некое топче од овие, да ги вратат во барабанот. :))
Досега ќе најдев детелинка со 8 листа.
И ветувам, еве јавно, и кога ќе ми се падне седмица, ќе продолжам да играм со исто темпо, за никој да не биде зијан.


За крај, може ли да им го откриеме на читателите на Точка твоето животно мото?

Кога ми беше најтешко во кариерата, еден мој постар пријател, чичо Миле ме тешеше и бодреше:
Цитирам:
„Ивце, баба викаше: Куде е текло – па ќе тече“.


Автор: Цеце Николова
Фотографија: Приватна архива




Спонзорирани линкови

Маркетинг