Меган Маркл и принцот Хари на јавноста ѝ го покажаа новородениот син. Парот со бебето кратко позирал во дворецот Виндсор, поразговарал со новинарите и открил дека ужива во првите денови од родителството. Меган рекла дека бебето е многу мирно.
„Ова е магија. Ги имам двајцата најдобри момци на светот. Помалиот има пресладок темперамент. Многу е мирен“, рекла Меган.
„Навистина не знам од кого го наследил тоа“, се пошегувал принцот Хари.
Со оглед на тоа дека детето е прво кралско бебе од помешани раси, многумина се љубопитни околу тоа како изгледа момчето и што наследило од мајката, а што од црвенокосиот Хари. Принцот претходно изјави дека бебето е премногу слатко и дека е бескрајно горд на својата сопруга.
Да потсетиме, Меган Маркл роди син во понеделникот во 5:25 по локално време. Како што наведуваат британските медиуми, војвотката добила претпородилни болки во неделата навечер, а тајната служба ја префрлила во приватната болница во Лондон. Покрај Меган Маркл постојано биле нејзиниот сопруг, принцот Хари и нејзината мајка, Дориа Рагланд. Породувањето поминало без компликации и војвотката не побарала царски рез.
Синот на принцот Хари е осмото правнуче на кралицата Елизабета и седмо во редот за британскиот трон. Пред него се принцот Чарлс, принцот Вилијам, принцот Џорџ, принцезата Шарлот, принцот Луис и принцот Хари.