Стево Пендаровски: Њујорк е бучен, брз, но истовремено и создава зависност

Точка

30/04/2019

10:46

8.057

Големина на фонт

а а а

Њујорк е вистински космополитски град, и тоа е всушност еден од моментите кој го прави посебен. Едноставно, се чувствуваш како граѓанин на светот и никој, ама никој, не е оптоварен со било какви етнички, верски или други комплекси, туку живее според сопствените чувства, изјави за Точка Стево Пендаровски.

Што успеавте да пробате од „Големото јаболко“? (сигурно е различно кога одите професилонално и приватно кога сами бирате што сакате да видите)

Со семејството престојувавме неколку месеци во Њујорк, бидејќи мојата сопруга во рамките на Fulbright scholar програмата работеше на истражувачки проект на Columbia University, и секако, кога живееш подолго во одреден град, добиваш различна перспектива отколку кога тоа би било краток туристички престој. На почетокот, правиш планови кои се работите кои мораат да се видат, но подоцна, едноставно, се препушташ на моменталното расположение и уживаш во секојдневиот, типичен њујоршки стил на живот. Збиеноста на луѓето на улиците и вревата стануваат нешта на кои брзо се навикнуваш.

Њујорк важи за метропола која никогаш не спие. Во што ја пронајдовте вие забавата?

Секако, има многу работи кои морате да ги посетите во Њујорк, почнувајќи од музеите кои имаат дел од најзначајната светска уметност (MoMA, The Met Museum, Guggenheim...), но и Музејот на историјата на природата (The Museum of Natural History), кој беше посебно уживање за нашиот син. Одење на мјузикл на Бродвеј, шетање низ Централ Парк, СоХо, Бруклин, Тајмс Сквер, фамозниот Empire State Building, меморијалниот центар 9/11, разгледување на излози на Петтата Авенија (повеќе за мојата сопруга отколку за мене ?),... сето тоа е дел од едно вистинско њујоршко искуство.

Сепак, не смее да се заборават и њујоршките „клишеа“: уличната храна (хот-дог, пред сѐ), бранчот во викендите, колачите познати како капкејкс, бургерите... Секако, тука би ја споменал и посетата на Staten Island со ферибот, од каде имате прекрасен видик на јужниот дел на Менхетн.

Што ви се допадна, а што ви пречеше?

Нормално, во првите денови ви пречат гужвите, бидејќи понекогаш ве спречуваат да стигнете таму каде што сте тргнале навреме, но со тек на време гледате дека тоа е начин на живот и дека никому не пречи, па се помирувате со тоа. Многу ми се допадна релаксираноста на луѓето, честопати, возејќи се во метрото, наидувавме на вистински виртуози во музиката и играњето, на кои секој гледаше со почит, никогаш не забележавме ниту еден човек кој реагираше нервозно, напротив сите беа особено наклонети кон нив и ги поттикнуваа.

Таму најверојатно не може да се зборува за менталитет, туку за микс од различни менталитети?

Дефинитивно. Таму бевме во контакт со различни луѓе, од сите страни на светот. Почнувајќи од соработниците на сопругата, кои навистина срдечно нѐ прифатија, па со оглед на нивното потекло од Јужна Кореја имавме можност во нивниот дом да присуствуваме на традиционални корејска вечери, до случајните минувачи, кои секогаш беа спремни да помогнат. Се сеќавам на едно момче од Непал, кое поминуваше со автомобил на автобуската станица на која чекавме, застана и нѐ превезе, без никаква посебна причина, ниту обврска.

Што би ни било необично нас Македонците таму, или најверојатно нив кај нас? (Обичаи, култура, навики)


Веројатно нам Македонците би ни сметал различниот однос кон храната и кон семејството. Кај нас, генерално имаме култ кон семејни ручеци, но, со оглед на работното време таму, и дополнително, со потребното време да стигнете дома, за жал останува многу помалку време за семејството. Но, тоа секако се обидуваат да го надоместат за време на викендите, кои се денови кои се навистина посветени на најблиските, можеби на пикник во Централ Парк или бранч во некое од малите ресторани и бистроа кои можете да ги најдете на секој чекор во Њујорк.

Патувањата се како читање книги, џабе патуваш ако ништо не си научил. Со какво искуство си заминавте вие ?


Навистина, Њујорк е вистински космополитски град, и тоа е всушност еден од моментите кој го прави посебен. Едноставно, се чувствуваш како граѓанин на светот и никој, ама никој, не е оптоварен со било какви етнички, верски или други комплекси, туку живее според сопствените чувства. Самото шетање по улиците, разминувањето со луѓе, туристи буквално од секој дел од светот, дава посебно чувство на заедништво и припадност кон човештвото, и тоа е една од работите која треба да се научи и да се применува секаде, па и кај нас.

Зошто би се вратиле во Њујорк?


Њујорк е различен од било кој друг град во светот. Она што мене ме фасцинираше беше погледот кон малото парче небо кога ќе погледнете нагоре меѓу огромните висококатници. Најблаго кажано, Њујорк е бучен, брз, но истовремено и создава зависност, и едноставно почнува да ви недостига тоа што на прв поглед ви пречи: гужвата, вревата. Уживате во малите нешта- уличните свирачи, луѓето кои брзаат на работа со чаша кафе во раката.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг