За Нотр Дам се собраа милијарда евра, а децата гладуваат! Дали е тоа лицемерно?

Точка

19/04/2019

18:32

3.692

Големина на фонт

а а а

Откако бројни медиуми објавиле дека за обнова на црквата Нотр Дам за само два дена биле собрани повеќе од милијарда долари, некои луѓе на социјалните мрежи таа информација ја проследиле со разни критики кои во главно се согласуваат дека станува збор за лицемерие.

Во акцијата за собирање на средства ширум светот се вклучиле и богати и сиромашни и Французи и странци и компании и поединци. Најголем дел од средствата ги собрале француските богаташи, пред се сопствениците и челните луѓе на LVMH, Gucci i L'Oreal. Но, и компанијата "Disney", која придонела за славата на црквата со својот анимиран филм "Ѕвонарот на Богородичната црква Нотр Дам", донирала 5 милиони долари. 

Иако несомнено станува збор за многу вредно културно наследство, многумина во неверојатниот успех во собирањето на средствата во толку краток период го препознале проблемот со неправилно гледање на приоритетите.

Една од најчестите критики се појавила на Твитер профилот MIUSEOFFICIAL, според кој тројцата француски милијардери, кои за помалку од 12 часа собрале повеќе од 600 милиони долари, со својата акција демонстрирале дека богаташите со леснотија можат да стават крај на гладот, на сиромаштијата и на недостигот на здравствени потрепштини, питка вода и образование во сиромашните земји. А тоа, сепак, не се случува.

Друг проминентен приговор е дека во хуманитарната акција за последиците од пожарот кој во 2017-та година го проголтал британскиот облакодер Гренфел и однел 27 жртви, за две години биле собрани само 30-тина милиони фунти.

"Ве молам, покажете ми повторно докази дека животите на работничката класа се важни", порачала Лорен Вајт преку Твитер.

Имало уште многу варијации на темата, но овие два примери добро ја докажале поентата.

За ваквото размислување има многу грешки во расудувањето. Тука ќе се обидеме да наведеме само некои најважни.

Донациите не се темелат исклучително на разум

Првата грешка во ваквите приговори е тоа што тие одат на претпоставка дека големите средства се собираат исклучително на основа на рационални одлуки.

Искуствата и бројните истражувања покажале дека луѓето во давањето на донации повеќе водат сметка за добра приказна, и покрај тоа што сите се согласуваат дека би било добро тоа што го даваат да има најдобар можен резултат - максимално добро за одредена количина на пари. Фактите и бројките едноставно не се толку атрактивни како што се наративите. На пример, серија експерименти покажале дека луѓето многу посилно реагираат на молби за помош од едно лице или препознатлив корисник отколку на статистички информации за големината на некој проблем кој би требало да се реши. А тешко е да се најде попрепознатлив корисник од црквата Нотр Дам, која за Французите е еден од најважните симболи на нивните цивилизациски достигнувања. Готиката е нивен изум, а Нотр Дам е врвен дијамант на француската готика и градба според која Франција е позната во светот. Всушност, никако не можело да се случи Нотр Дам да не биде обновена. Тоа ќе се случело и со донаторите и без нив.

Конечно, се покажало дека истакнувањето на ефикасноста на хуманитарните акции не придонесува за значајни зголемувања на средствата кои ќе бидат собрани. Напротив, според некои анализи, изгледа дека таквото нагласување може да има и контраефект.

Исто така важно е да се има на ум дека акциите за собирање на донации имаат ефект кој може да се дефинира како зараза. Колку повеќе луѓе се вклучуваат во нив, посебно познатите и угледните, тоа собирање повеќе ќе се рашири, односно ќе стане помасовно.

На наведеното треба да се додаде дека луѓето на дарување ги наведува и чувството на итност, односно акутна потреба. Некоја трајна и тешко решлива состојба, како перманентна сиромаштија на луѓето во некој корумпиран политички состав, многу потешко ќе ги активира донаторите отколку некоја акција за жртви од катастрофален земјотрес.

Со други зборови, луѓето не даваат со разум, туку со срце. А инсистирањето на рационално дарување може да резултира со негово намалување.

Донациите никогаш не се апсолутно несебични

Една од грешните претпоставки во идејата дека би требало да се дава таму каде што е најнеопходно и најефикасно, каде за одредени пари се добива најголемо "добро", е дека луѓето би требало да даваат сосема несебично, тајно и анонимно, мотивирани исклучиво од духовните награди, така што нивната левица не знае што е десница, како што препорачува Библијата.

Богаташите, но и луѓето генерално, даруваат не само затоа што дарувањето ги збогатува духовно и ги прави задоволни, туку и поради тоа да се слушне за нив, ако е можно да останат и запишани во историјата. А нема подобар начин за тоа отколку да се обнови црква како Нотр Дам и да се остане забележан додека таа стои исправено. Секако, луѓето даваат и затоа што донирањето ги ослободува од данок и затоа што тоа за нив е одлична реклама.

Во дарувањето од таквите "себични" причини всушност нема ништо лошо. Напротив, според теориите за човековата природа, не постои апсолутно несебично дарување бидејќи за секое давање добиваме некој вид на награда, дали на "небото" или на земјата. Дури и кога се дава од овоземски причини, давањето може да се смета за несебично бидејќи човекот одбира дека дарувањето го прави среќен, а не чувањето на се само за себе. Ако давањето го судиме премногу строго, секако ќе испадне себично. Работата е во градацијата.

Давањето за една цел не го исклучува давањето за друга

Во наведените критики исто така е вклучена и погрешната премиса дека богаташите кои даваат за Нотр Дам нема да дадат за гладните и сиромашни деца, односно дека тука има смисла работите да се постават како "или-или".

Статистиките на "Charity Navigator" покажуваат дека луѓето даваат за бројни различни цели и дека износот кој е собран за Нотр Дам всушност е статистички безначаен. Имено, вкупниот износ кој во 2018-та година го собрале хуманитарните организации само во САД се движел околу 410 милијарди долари.

Притоа Американците најмногу, дури 31%, издвојуваат за верски организации. После тоа уследуваат издвојувања за образование, па за гладните и сиромашните, за јавна безбедност, за меѓународни хуманитарни услуги, за уметност и друго...

Само за култура и уметност Американците во 2017-та година издвоиле 19 и пол милијарди долари! Но, како што покажува горенаведениот редослед, културата не е на прво место и пред неа се некои потреби кои повеќето луѓе лесно би можеле да ги доживеат како поважни, но некои би можеле да ги доживеат како неважни.

Ние немаме никакви темели да земеме здраво за готово дека француските богаташи ќе даделе за гладните и сиромашните ако не даделе за Нотр Дам. Можеби не би дале за ништо. Исто така нема смисла да се претпостави дека нема да дадат за сиромашните, само затоа што веќе дале за катедралата во Париз.

Конечно, би било интересно да се види колку даваат оние кои имаат најмногу приговори на давањето на богаташите. Со други зборови, да се истражи дали можеби главната замерка е дека се богати.




Спонзорирани линкови

Маркетинг