Кривичниот суд во Скопје му определи нови 30 дена куќен притвор на поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски во истрагата којашто ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија за „Макфакс“ од судот.
Причините за одредување мерка куќен притвор првично беа поради можност од бегство и влијание врз сведоци. Јавното обвинителство за Јакимовски бараше притвор, но поради здравствената состојба, Јакимовски доби куќен притвор.
Поранешниот градоначалник на општина Карпош и уште осум други лица се осомничени за неколку кривични дела како незаконска легализација и продажба на земјиште, бесправно градење и садење цвеќе. Меѓу осомничените има и бизнисмени од градежниот сектор.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал, со оглед на тоа дека станува збор за исти кривични дела и период кога биле сторени предметите се споени во еден предмет. За тројцата постои основано сомневање дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а едно од лицата е осомничено и за бесправно градење.