Преговорите за СЈО во ќор-сокак, истрагите на тенок мраз

Макфакс

15/04/2019

13:18

1.109

Големина на фонт

а а а

Работната група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за Законот за јавното обвинителство викендов повторно доставила материјали до Министерството за правда на разгледување, потврдија од министерството за „Макфакс“.

Од таму велат дека клучните разлики во преговорите и натаму остануваат: статусот на СЈО и иднината на истрагите како и персоналниот состав. Предлозите на работниот тим на ВМРО-ДПМНЕ, според Министерството за правда, се во спротивност со експертските препораки и меѓународните мислења, а особено во пресрет на преговорите за членство на земјата во Европската Унија.

Извори од преговарачкиот процес за „Макфакс“ брифираат дека работната група на ВМРО-ДПМНЕ останува на тврдите позиции да запрат сите истраги на СЈО заклучно со 30 јуни 2017 година. Тоа би значело дека СЈО би требало да донесе наредби и резолуции за запирање на десетици отворени истражни постапки. Во амандманите што ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе до работната група пишува дека се и против опцијата за преземање на истрагите на СЈО од останатите обвинителства и нивно понатамошно процесирање.

Останатите амандмани коишто се однесуваат на транспарентноста во работењето на Јавното обвинителство и етичките норми начелно се усогласени. Разговорите за иднината на СЈО треба да продолжат.

Минатата недела на нејавна средба за предлог-законот за јавно Обвинителство разговоараа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг