Некст Тајм: Нема Македонец што не ги чувствува и сака изворните песни

Точка

27/03/2019

11:12

6.760

Големина на фонт

а а а

„Нешто ќе те питам бабо“ е најновата преработка на „Некст тајм“ со 275.000 прегледи за два дена, со видео запис во режија на Огнен Шапковски. Моделот Ивана Гелева е бабата и девојката во спотот благодарение на моќта на шминката, но и способноста со силни емоции да ја долови актерската улога во ова видео.

За Точка, откриваат дека наскоро можеме да очекуваме и албум со преработки на изворни композиции. Но, тоа не значи дека нема да работат и на новокомпонирана авторска музика. 

Кој ја прави селекцијата на композиции кои ги преработувате?

- Селекцијата ја правиме ние лично, нашите желби и идеи зашто токму таа песна, а останатото е работа на Николче Мицевски и Огнен Шапковски. Но, ние како луѓе кои сакаат да бидат инволвирани во својата работа максимално помагаме околу креирањето на целата работа.


Зошто сте ориентирани кон изворни наместо новокомпонирани?

- Затоа што сме Македонци. Веројатно затоа што и секој Македонец ги чувствува овие песни, ги сака, и ете можеби како влијателни музичари сметаме дека имаме креативност да дадеме нова слика на овие композиции да оживеат повторно меѓу народот, па и пошироко од нашиве граници, да се слуша македонскиот мелос да се зачува македонската традиционална песна и култура градена со векови.

Моментално даваме предност на изворното пред новокомпонираните композиции, но на настапите наши не ги забораваме нашите два албуми што ги имаме оставено позади нас со авторска музика, затоа што тие се исто така наша гордост и ги сакаме подеднакво.

Кога, каде, колку време се снимаше спотот за најновата преработка?

- Спотот почна да се снима од јануари, февруари, имавме потешкотии со локациите затоа што е зима и работите не се баш така достапни. Цирипашина на Шар планина не е така едноставно да ја качиш во лето, не па во зима. Да донесеш 15 души екипа на врв на планина каде што времето е -30 речиси и дува ветер со 90 км на час.


Другите делови се снимаа во изградена просторија наменски за потребите на овој видео запис. Отворените сцени близу Свети Николе.

Некои веќе ве нарекуваат комити, соодветствуваат на вашата идеолошка ориентација?

- По татко потекнуваме од Жван, Демир Хисар, по мајка, Скопјани, веројатно направивме некоја комбинација од двајцата родители и во нас се родија модерни комити хахаха. Почитувачи сме на комитите како историски личности, а кој Македонец не би ги почитувал?

Да очекуваме албум со преработки на изворни песни?

- Очекувајте. Работиме на тоа. Нека ја слушнат “Нешто ќе те питам бабо“ најпрво па ќе правиме планови кога следно, веруваме не за долго.


А нешто новокомпонирано?

- После овој проект наша голема желба е да создадеме и своја музика авторска, така и ќе биде.


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг