Никогаш не го откривал лицето, а кога за првпат ја тргнал маската – починал: Неверојатна приказна за мистериозниот херој кој народот го обожувал

Точка

23/03/2019

17:09

9.156

Големина на фонт

а а а

Мексиканската боречка вештина наречена Луча либре (најблизу до кечерството) е популарна најмногу поради Ел Санто односно Родолфо Гузман кој цел живот се криел зад сребрената маска, карактеристична за овој вид на борење.

Санто, како што сите го нарекувале, станал култна фигура во борењето, но и симбол на Мексико и вистински народен јунак. Народот го обожувал и тој имал статус на икона. По него е снимена и анимирана серија, а настанал и стрип во кој тој бил главниот херој. Глумел во повеќе од 50 филмови. 

Познат е по тоа што никогаш не ја тргнал маската, а како изгледал не знаеле ниту неговите соработници, како ни тимот кој се грижел за него, од тренерот и спаринг партнерите па сѐ до физиотерапевтите и лекарите. Санто не ја вадел маската ни во текот на приватните состаноци. Имал уште една маска која ја користел за време на оброците и која имала изрез за устата. Кога патувал во странство, секогаш одел со посебен лет, одвоен од екипата за да избегне ситуација тие да го видат.

Родолфо Гузман е роден на 23-ти септември 1917 година, а детството и младоста ги поминал играјќи бејзбол и американски фудбал. Најпрвин научил џиу џицу, а подоцна и класично борење. Бил воодушевен од Луча либре, а во 1934 година дебитирал во професионалниот боречки круг како Руди Гузман (Рудо на шпански јазик значи лошо момче), што било почетокот на неговата кариера.

Ел Санто станал мексикански јунак по легендарната борба против Црната сенка во 1953 година, во текот на која му ја извадил маската на противникот. Имено, во некои борби влогот е голем – кој ќе изгуби ќе мора засекогаш да ја симне маската. Со тоа, Санто засекогаш го исфрлил ривалот од натпреварување, но по оваа победа, следел меч против Синиот Демон и тоа бил единствениот меч во кој Гузман изгубил. Оттогаш, нивното ривалство станува вечно, иако дури и заедно глумеле во бројни филмови.


Родолфо ја оженил Марија де Лос Анџелес Родригез Монтањо кон почетокот на 1940-тите години со која имал десет деца. Мексиканскиот херој продолжил со борбите до 1982 година. Се борел во текот на опростувачката турнеја која завршила седум дена пред неговиот 65-ти роденден.

Во 1984 година, Ел Санто конечно го покажал своето лице гостувајќи во ТВ емисија. Тој починал 10 дена подоцна од срцев удар, а во неговиот роден град била подигната скулптура во негова чест.

Најмладиот син на Санто тргнал по неговите стапки. Наследувајќи ја сребрената маска, тој се борел под името Ел Хијо дел Санто. По заминувањето во пензија во 2014 година, внукот на Ел Санто започнал да се бори како Ел Санто Јуниор во Јапонија.

“Додека Американците го имаа Супермен, Бетмен или Спајдермен, ние имавме вистински суперхерој кој се бореше против сите, од мумии до нацисти, но за разлика од американските суперјунаци, тој беше реален човек. Можевте да читате стрипови за него, а потоа во недела да го гледате како се бори во арената”, изјавил пријател на Ел Санто.



Спонзорирани линкови

Маркетинг