Искреноста, позитивната енергија и насмевката се дел од нашето секојдневие

Точка

08/03/2019

11:25

4.418

Големина на фонт

а а а

Какви би биле утрата без Цеце, Елена, Марко и Гоце?! Харизматичната четворка од телевизиските екрани на фрекфенцијата на Телма, секое утро со непогрешлив ентузијазам и шарм отвораат интересни теми за разговор и ни кажуваат што интересно дента градот има да ни понуди на своето мени.

Со прикладна сценографија и доза на симпатичен хумор, првото нешто што го слушаме наутро е нивниот позитивен глас кој или ќе нè расони или ќе нè насмее и така фино стокмени ќе го почнеме работниот ден. Септолете Тотал како поборник за здравото грло и гласот кој инспирира и мотивира, на денот на жената, за свои соговорници ги одбра токму дамите од Утринската на Телма. Прашања имаше безброј, но сепак направивме само неколку попатни станици за кои поразговаравме.

Со ова интервју, Септолете Тотал, Лени и Цeцe им посакуваат бескомпромисен 8-ми март на сите смели и силни жени кои ги познаваме, сакаме да станеме и ги одгледуваме и растеме.

На денот на жената не случајно се одлучивме да направиме интервју токму со вас. Ќе биде сосем на место доколку кажам дека вие сте во моментов двете неприкосновени дами кои благодарение на својата харизма, шарм и новинарска умешност, успешно ја расонувате Македонија секој работен ден со утринската емисија на Телма?

Елена: Убаво е да се слушнат вакви зборови и комплименти особено кога се однесуваат на нашата работа, на нешто што комплетно не обзема. Благодарам навистина и од срце. Да бидам реална ќе кажам само дека луѓето и аудиториумот не сакаат токму заради тоа што сме свои, заради тоа што не знаеме да глумиме и да изигруваме новинари. Ние сме исти и пред и зад камерите. Искреноста и отвореноста, позитивната енергија и насмевката се дел од нашето секојдневие и токму то го пренесуваме преку малите екрани до секој еден дом. Секако истражувачкото новинарство и приказните за секој еден гостин кој стапнува во нашето студио се посебно и внимателно подготвени. Сакаме да го извадиме доброто од луѓето, а не да се плашат да дојдат на емисија како што го прават повеќето од новинарите. Жално е што постои уверувањето дека колку си полош со соговорникот, односно колку пострашни прашања поставуваш, толку си поуспешен. НЕ! Не е тоа така и не е тоа наше мото.

Нема поубав коментар од тоа кога некој ќе ви се јави или ќе ви напише дека ако не постоиме ние, не може да им тргне денот или дека ние сме дневната доза “Дијазепам” или дека навистина сме единственото добро нешто што во моментов оди во етерот. Само ќе цитирам една убава позната мисла која мислам дека комплетно одговара на секој еден од нас “Одбери ја работата што ја сакаш и нема веќе да работиш ни еден ден во животот”

Воведовте сосема нови стандарди и перцепција за тоа како треба да очекуваме да изгледа една утринска ТВ емисија. Внесувањето на вашиот забавен дух, непосредноста и обработувањето на интересни теми беа одличен тригер за повеќето да се навлечат на вашата емисија. Чија беше идејата за ваквата свежина во етерот?

Цеце: Пред сè, благодарам во име на целиот тим за убавите зборови кои верувајте на секој еден од нас многу ни значат бидејќи сето тоа што го наведовте, пред 3 години, нас ни беше само една цел за остварување. Сега, после речиси 3 години будење секое работно утро, се радуваме што се повеќе луѓе ја препознаваат нашата мисија за убав и позитивен старт на денот. Си го знаеме општеството во кое живееме и менталитетот на луѓето кај нас, жално е што сме буквално отруени со политика и проблеми кои не би требало сите да не засегаат. Тоа ни беше појдовната точка кога го конструиравме концептот за утринското шоу и низ овие години работа дознавме дека на гледачите токму тоа им недостигало. Доста следиме и странски програми и затоа сакаме да бидеме поразлични од сите утрински емисии кај нас... Благодарни сме за тоа што имаме можност секојдневно да се обраќаме на широкиот аудиториум и преку нашиот глас да допреме суштински точки во општеството. Тоа е ретка привилегија која носи и голема одговорност. Едноставно сакаме секој ден на сите да им го направиме поубав и позабавен, а тоа според многубројните секојдневни пораки кои ги добиваме ни покажува дека сме на прав пат.


Динамиката на емисијата и ширењето на позитивните вредности не се чувствува само на екраните, активни сте и на социјалните медиуми каде секојдневно на вашиот фан пејџ ги споделувате сликите со вашите гости како одлична најава и мамка да ги одржувате гледачите во кондиција. Која е вашата проценка, дали Фејсбук и Инстаграм ја засенуваат телевизијата или само дополнително го подгреваат нејзиниот примат? 

Цеце: Во денешно време, мислам дека едното не оди без другото, односно телевизијата може само да се надополнува и да расте преку тие социјални медиуми. Ние сме сведоци дека многу луѓе ја вратиле емисијата или ја гледале на нашиот Youtube канал само затоа што виделе фотографија на Фејсбук/Инстаграм со некој интересен гостин, па тоа ги заинтригирало. Моќта на телевизијата е огромна, но не мислам дека некогаш ќе згаснат телевизиите како резултат на големото влијание на социјалните медиуми. Едноставно телевизијата мора да ги следи сите трендови кои ги носи оваа нова ера која ја живееме.

За да се биде успешно ТВ лице дали повеќе е важен гласот или стасот?

Елена: И едното и другото. Стасот привлекува, гласот влече. Мислам дека симбиоза од двете работи прави одличен ТВ водител. Замислете сега како кажувате некоја важна информација и притоа крештите, пискате или пак немате соодветна дикција. Тоа не е добро за телевизија. Потребно е добро поткован водител и новинар и при тоа личен, пријатен за гледање со убав и приемчив глас. Со други зборови треба да си ги чуваме и негуваме грлата ;)

Ќе биде нефер да не ги спомнеме и останатите членови на семејството, Гоце и Марко. Заедно креирате неразделна целина и секој од нас, гледајќи ве на екраните, има чувство дека функционирате како беспрекорен организам. Дали сте и приватно толку блиски како што тоа делува пред камерите?

Цеце: Апсолутно! Утринска на Телма се Цеце, Марко, Елена и Гоце <3 Вие велите беспрекорен организам, а ние велиме семејство, фамилија... Јас и Марко се знаеме од детските денови, заедно растевме на иста улица. Низ годините станавме премногу блиски, најдобри другари... а од пред 3 години и заедно работиме на овој проект кој на сите ни е многу, многу драг. Елена и Гоце ги запознав благодарение на ова утринско шоу, а денеска сите ние сме навистина како браќа и сестри. Заедно плачеме и заедно се радуваме, заедно се бориме за подобро утре за сите нас во ова наше мало и тврдокорно општество. Ние не глумиме кога камерите ќе светнат црвено, едноставно сме многу природни, спонтани и опуштени.

Иако ние како гледачи го гледаме крајниот беспрекорно спакуван продукт, зад тоа стои макотрпна истражувачка дејност, рано станување, подготовки, многу телефонски разговори, меѓусебно координирање, креирање на програмска содржина, шминка... Која ви е појдовната точка и кои се критериумите кога ги бирате темите и соговорниците? Каква порака сакате да оставите?

Цеце: 4-часовна емисија во живо, особено ваков тип на емисија со минимум 5 различни соговорници во текот на денот и секој на различна тема и тоа како бара работа и голема концентрација. Во последно време се шегуваме во канцеларија дека веќе премногу луѓе знаеме, премногу контакти се во прашање и многу, многу телефонски разговори секојдневно. Спонтано си наметнавме некој концепт на функционирање и супер ни оди координацијата и меѓу нас, но и со гостите. Се навикнавме дури и на раното станување и на спиењето некогаш и само 4-5 часа, но добро е што секогаш сме двајца водители. Не може, а да не е забавно во студио.

Сè е некако полесно и поубаво кога ја работите работата што ве исполнува. Во однос на критериумите, сакаме да дадеме простор на успешни луѓе чии приказни знаеме дека ќе мотивираат барем еден од оние што не гледаат... Следиме актуелности, сакаме да најавиме убави настани во Скопје, но и во останатите градови. Телма амбуланта се покажа како полн погодок за многумина, бидејќи секогаш имаме реномирани доктори кои преку разговор даваат одлични совети. Сакаме да отвораме и горки теми, да потенцираме крупни проблеми во општеството и секогаш преку добро одбрани соговорници да пренесеме јасна порака.

Што е она што стигнува до вас како повратна енергија од фановите?

Цеце: Па има ли нешто поубаво кога ќе ви пратат фотографија како ја гледаат нашата емисија со нивните деца/внуци/пријатели или ако ние сме вежбале јога утрото, добиваме слика дека уште некој дома вежбал заедно со нас... често добиваме коментари дека ги засакале понеделниците само заради Утринска на Телма. Поголемо задоволство и мотивација од тоа нема!

Да го завршиме разговорот со убава мисла и во духот на ведрината која несебично ни ја сервирате секое утро. Наведете ми барем по еден пример кога благодарение на вашиот новинарски глас сте почувствувале дека сте влијаеле позитивно на пошироката јавност или поединци?

Елена: Не би издвоила еден пример. Навистина има многу. Често го дигаме гласот и говориме јасно и гласно на многу осетливи теми. Се бориме за подобра едукација, за подобро здравство, за емпатија меѓу луѓето, за хумани цели и слично. Навистина е неблагодарно да одвојам еден настан или случка....доволно е ако кажам дека луѓе не замолуваат да пренесеме одредена информација токму на нашата емисија или на нашите страници (фб, инстаграм) затоа што знаат дека тоа ќе допре до вистинската публика. А, тука сме за сите кои имаат потреба од нас, особено кога и ние сметаме дека можеме да придонесеме.

Уште еднаш едно огромно благодарам на вас и вашите прашања и тоа што не сместивте во групата на влијателни, позитивни и ведри луѓе. Бидете и вие позитивни, сакајте се и несебично давајте љубов...во било каква форма...и не само за 8-ми Март.



Спонзорирани линкови

Маркетинг