Тој е најмладиот Македонец со соло албум: Уште еден доказ дека Македонија има „деца“ за гордеење

Точка

08/03/2019

21:49

7.828

Големина на фонт

а а а

Стефан Петановски е талентиран музичар, кој деновиве издаде инструментален соло албум и со тоа стана најмладиот гитарист на домашната сцена, кој има сопствено авторско издание. Свирел во многу групи и формации и нема намера тука да запре.

Петановски неделава ја направи промоцијата за албумот, како соло артист, наречен „Architect of Reality“. Се работи за инструментален, „гитарски“ албум кој жанровски најдобро може да се определи како прогресив рок/метал. Промоцијата се одржа во МКЦ, а дел од галеријата која е објавена подолу е токму од оваа промоција. Уверете се сами за каков всушност талент станува збор.


Да почнеме од почеток. Кога почна да свириш?

Моето патешествие во музиката започна на моја седум годишна возраст, благодарение на татко ми кој иако по професија е стоматолог, свирење гитара му е хоби.

Тој всушност ме насочи кон музиката и гитарата како инструмент.


Исто така тој ме научи на основните акорди и базичните техники на свирење гитара.

Оттогаш се вљубив во гитарата како инструмент и продолжив на сопствена иницијатива да се надоградувам на тоа поле константно учејки и истражувајќи од книги, видеа, онлајн лекции и слично.

Зошто баш гитара?

Како што напоменав и предходно, татко ми е главниот „виновник” за тоа што се насочив кон тој инструмент. Но, и без оглед на тоа, едноставно отсекогаш најмногу ми резонирала гитарата како инструмент. Навистина има премногу можности за создавање и експериментирање со неа, почнувајќи од самата експресија што ја нуди гитарата, па сè до комбинарање на различни гитарски тонови, појачала, ефекти и сè останато. Едноствано можам да кажам дека гитарата е посебен универзум сама по себе, во кој секогаш откривам нови работи и се фасцинирам од истото.


Кои ти беа првите гитарски идоли и дали се сменија со текот на годините?

Кога започнав да свирам гитара, нависитна многу им се восхитував на Steve Lukather и на Doug Aldrich и на нивните бендови „Toto“ (Steve Lukather) и „Whitesnake“ (Doug Aldrich) бидејќи во мојот дом константо беа пуштени DVD снимки од концертни изведби на „Toto“ и „Whitesnake“.

Но, можам да кажам дека мои први вистински гитарски идоли се Joe Satriani и Steve Vai кои ги дознав малку подоцна на отприлика десет-единаесет годишна возраст и токму поради нив си ја купив мојата официјално прва гитара, која сè уште ја имам, а нормално поради нив таа гитара е модел на Ibanez.


Подоцна, на тринаесет- четрнаесет годишна возраст, го дознав John Petrucci и слободно можам да кажам дека тој ми е убедливо најголемиот гитарски идол до ден денес и благодарение на него навлегов подлабоко во музичките води и почнав да истражувам и да се интересирам сè повеќе и повеќе.

Сега веќе имам многу голем број на гитаристи од кои црпам инспирација секојдневно. Но дефинитивно овие неколку „херои” од детсвото што ги споменав предходно ми имаат оставено толку голем впечаток што до ден денес ги ценам бескрајно и со текот на годините сè повеќе и повеќе им се восхитувам, не само на свирачките способности, туку и на нивниот поглед на светот и животната фолозофија.

Ќе ни објасниш ли на нас што не се разбираме толку - што е прогресив рок/метал?

Убавината во овој жанр е тоа што нема никакви бариери, па со самото тоа и бендовите кои спаѓаат под тоа небо се толку различни едни од други што дури понекогаш навистина е тешко да се одлучи и да се објасни што всушност претставува прогресив рок метал.

Сепак, јас ќе се обидам да доловам што значи овој жанр за мене.

Прогресив рок и метал најубаво можам да го опишам како спој од две страни, едната е прогресивната а другата е рок/метал страната.


Во темелот на овој стил е рок и метал жанрот. Тоа е основната карактеристика врз која сè останато се гради и надоврзува. Прогресивната страна го претставува експерименталниот и виртуозниот дел од музиката. Самиот збор прогресив укажува на тоа дека целта е да се создаде некоја прогресивна идеја, која е нова, и предходно нечуена. Една од најголемите карактеристики на прогресив рок и метал бендовите е тоа што тие црпат инспирација од други стилови како поп, џез, блуз, класична музика, традиционална музика и многу други, а подоцна ги имплементираат врз веќе одредениот рок и метал жанр.

На ова само можам да додадам дека лично според мене прогресив рок и метал е еден од најкомплексните и најобемните жанрови што некогаш се појавил во музиката.

Зошто токму овој музички жанр ти го привлече вниманието?

Отсекогаш сум сакал добар предизвик и чувството после постигнување на цел која што првично си мислел дека е недостижна, навистина е посебно нешто.

Токму тоа го пронаоѓам во прогресив рок/метал жанрот, бидејќи музиката е навистина комплексна и бара многу работа и фокус само за да се научи некое дело, а за истото да се отсвири во живо и да звучи како што треба потребно е работа на наредно ниво.


Исто така, отсекогаш сум бил фан на музика која се раскажува како приказна и излегува од клише формата и структура на вообичаена песна. Огромен број на ваки дела има токму во овој жанр и доста често се случува да се создадат песни кои траат повеќе од 20 минути или пак да се издаде албум кој е концептуален, каде секоја песна опишува одреден дел од приказната за на крај кога ќе се надоврзат сите песни една по друга да ја дадат целата приказна на тоа дело односно албум.

Прилично е храбро на твоја возраст да се впуштиш во авантура наречена соло албум. Што е она кое преку твојата музика сакаше да им го пренесеш на твоите слушатели? Некаков твој став, парола, порака?

Секој од нас треба да тежнее кон тоа да е свој односно да го пронајде тоа што е уникатно во себе бидејќи токму тоа ќе ги направи да се истакнат во вистинскиот свет.

Исто така сакам да додадам дека секоја недостижна цел станува реалност со малку повеќе труд, вложена работа, без многу очекувања, а пред сè се доаѓа до целта кога срцето и умот работат заедно и се насочени на правото место. Можеби звучи клише и е веќе слушнато, но тоа е вистината.

Каде е сниман материјалот и кој сè учествува во проектот?

Целиот овој материјал е сниман во домашни услови односно во моето домашно студио.

Од самиот старт ја имав визијата за што сакам ова парче музика да биде и како истото да стане реалност, па токму со таа цел се одлучив за комплетна самостојна работа од почеток докрај.

Јас се погрижив за снимање на електричните гитари, акустичните гитари, бас гитарите, програмирањето на бубњевите, клавијатурите, продукцијата и миксот на целиот албум.

Но дефинитивно овој албум немаше да биде тоа што е доколку ја немав поддршката и асистенцијата од страна на Дамир Пух кој се погрижи за аудио мастерингот на „Architect of Reality” и со кого го делиме гитарскиот свет во бендот Station: Innermost.


Дамир константно ми даваше совети во врска со звукот низ целиот албум и исто така сними соло за една од песните од албумот која се вика „Remember“.

Освен тој има и други гости на албумот.

Пелумб Ќерими има свое гитарско соло на песната „Timelapse“, Виктор Захариев гостува на песната „Multifaceted“, Славко Ѓорѓиев ги свири деловите на саксофон во песната„Bound by Blood“ и мојата сестра Ана Петановска сними голем број на вокални делови и текстури кои се наоѓаат на последните две песни од албумот „Banquet of Life: Chapter I & II”.

Исто така морам да ги издвојам Наско Џорлев кој се погрижи за дизајнот и омотот на албумот и Атанас Стојановски кој е заслужен за видео записот на „Remember“.

Песимист или оптимист?

Дефинитино оптимист, но до една здрава граница. Не треба да се претера ни во едната ни во другата насока.

Точно ли е дека ако знаеш да свириш, не е важна опремата?

Има одредена граница до која навистина си лимитиран од опремата која што ја свириш. На пример доколку гитарата не може да се наштима нормално или да произведе звук кој е неопходен, едноставно е невозможно од тоа да излезе добар перформанс и да биде убаво за слушање. Но после таа некоја основна граница, дефинитивно се согласувам дека човекот е тој што го гради звукот, а опремата само станува луксуз, секако добредојден, но кој не зборува и не кажува многу за тој што свири.

Дали инструментите и опремата на која свириш ги задоволуваат твоите моментални потреби во потрагата по вистинскиот тон и вистинскиот израз?

Дефинитивно сум задоволен и благодарен за опремата и условите кои ги имам и да, дефинитивно ги задоволуваат моите моментални потреби за тонот кој го барам.


Но, потрагата по вистински тон и вистински израз е животна мисија и нешто што и најврвните мајстори до ден денес го доусовршуваат и константо се во потрага по истиот. Така што јас сум навистина задоволен со мојата опрема во моментов но допрва следи мојата мисија за потрага по мојот вистински тон и израз.

Големо гитарско појачало, мало гитарско појачало или компјутерски плагин со моделинг симулација на гитарско појачало?

Секое од овие горе наведени примери си има своја позитивна и своја негативна страна.

Морам да признаам дека софтверскиот свет и гитарскиот свет одат заедно и прогресираат многу брзо, така што денеска може да се најдат плагини кои звучат многу реално и многу блиску до вистинско гитарско појачало па дури во студио и да го заменат комплетно гитарското појачало.

Но сепак, звукот на гитарското појачало поготово за настапи во живо сè уште е незаменлво. Големо појачало со голем 4x12 кабинет е навистина звукот што секој гитарист би го сакал, но има моменти каде што навистина може да е незгодно да се носи истото. На пример на свирка каде што треба да се свири потивко, или пак турнеа, свирка која што е предалеку, а целата опрема треба да ја собере во едно комбе. Од друга страна пак мало појачало е супер опција за замена на големо масивно појачало, но никогаш нема да го достигне тој волумен и тон на големото појачало. Ако веќе бирам идеално, според мене можеби најдобра опција е мало 25-35 вати лампашко појачало поврзано со гитарски процесор како на пример Line 6 Helix или Fractal audio axe fx II или axe fx III.

Најдобар спој од дигиталниот и аналогниот свет.


Насловот на твојот албум е „Architect of Reality”. Што сакаш да пренесеш преку него, која е твојата идеја?

За едно креативно дело да биде донесено како што креаторот го замислил, тој мора првично во умот да го создаде, искреира најперфектно што може за потоа истото тоа дело да го донесе во реалноста.

Впрочем тоа важи за секој од нас, секој поединец ја има можноста и шансата да биде архитектот на својата реалност односно тој да одлучи што е најдобро за него а со тоа да си го одбележи животниот пат. Оттука потекнува идејата за насловот „Architect of Reality“.

Исто така и кога ќе го чуете албумот ќе се уверите дека тој е толку различен сам по себе така што остава простор секој поединец да си осмисли и да создаде слика за тоа што точно значи овој албум за него, бидејќи секој од нас ја перцепира музиката на свој начин и покрај тоа што се работи за истото парче музика.

Во однос на светската гитаристичка сцена, каде се гледаш за 5 години од сега?

Стварно не би можел да знам, а искрено не сакам да имам очекувања.


Но дефинитивно можам да кажам дека ќе продолжам да креирам многу музика бидејќи имам уште многу што да кажам и ќе ја пласирам секаде каде што ќе можам и каде што луѓето би јсакале да ја слушнат.

Каде може да се купи твојот албум?

Мојот албум „Architect of Reality“ може да се купи во дигитална форма преку: Amazon music, Google play (Google Music Store), Apple iTunes, Deezer, IHeartRadio, Spotify, 24-7, Akazoo,Pandora и многу други онлајн платформи.

Исто така албумот е достапен и физичка/ ЦД форма која може да се купи директно од мене односно со порака на мојата фејсбук страна, од CD Baby или пак од Југотон – Скопје.


Што би му посакал и порачал на светот?

Многу позитивна енергија, љубов, фокус кон убавите нешта во животот и слушање квалитетна музика!

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг