Женско рели во Скопје

Точка

06/03/2019

10:23

8.994

Големина на фонт

а а а

Кога ќе се спомене Милошевски не е непознато презиме во автомобилизмот. Но, токму поради тоа што таа Маја Милошевска е женско, бевме љубопитни од каде потребата за трки, со оглед на тоа дека кај нас па и не се така популарни меѓу жените.

Се испостави дека сме во заблуда и ние и вие кои мислите дека Македонките не сакаат да се тркаат со автомобили. Ако сакате да се уверите дојдете на 15-тото Женско рели на 9-ти март кое ќе се одржува во Скопје.

Од кога се натпреваруваш и од каде потребата?

- Потекнувам од тркачка фамилија. Мојот татко и неговите браќа се занимавале со авто спорт уште од нивната младост и настапувале во Шампионатот за автомобилизам на Југославија. Ние, од следната генерација го продолживме да го работиме тоа што го правеа тие. Најпрво, мојот братучед Зоран Милошевски дебитираше во Шампионатот на Македонија во автомобилизам во 2000 година. Една година подоцна тоа го стори и мојот брат Југослав, кој и после толку години се уште вози авто трки.

Мојот прв настап на женска рели трка беше во 2005 година во Скопје. Од тогаш имам настапувано на повеќе натпревари од различни дисциплини во Македонија, Бугарија, Косово, Грција: картинг, авто спретност, авто слалом, 2009 и 2011 година настапував во Шампионатот на Македонија во мотоциклизам, во дисциплината – скутери...

Што подразбира подготовката?

- Во нашите услови подготовката пред сè значи физичка подготвеност преку кондициони тренинзи, со оглед на тоа што во нашата држава нема тркачка патека и немаме услови за тренирање. Својата форма редовно ја одржувам со аеробик, пилатес, теретана и пешачење на Водно. Работам 4 – 5 тренинзи неделно, заедно со мојата инструкторка Даница и постигнуваме одлични резултати кога станува збор за мојата физичка подготовка. Во однос на подготовката за настапите, мојот брат Југо Милошевски е секогаш покрај мене да ми даде совети и да ми ги исправи грешките, со оглед на тоа што тој се занимава со автомобилизам многу години и има огромно искуство позади себе.


Колку натпревари се позади тебе и кои се позначајните успеси?

- Имам многу настапи, пехари и признанија, точната бројка не ја знам, а секој настап е едно искуство повеќе, кое ја збогатува кариерата. Имам многу победи на женското рели, шампионска титула во шампионатот на Бугарија во женско рели, вице-шампионска титула во Шампионатот на Македонија во мотоциклизам - дисциплина скутери, минатата година ја освоив шампионската титула во Шампионатот на Македонија во авто слалом....

Ризично ли е?

- Зависи кој како го сфаќа ризикот. Генерално не размислувам за ризик.

Си имала ли повреди?

- Имав пад со скутерот 2009 година, кога пролизгав во една кривина, но брзината не беше голема, а и опремата одлично си ја заврши работата, па поминав само со неколку модринки.


Колку учеснички ќе има на натпреварот, каде и кога ќе се одржува?

- Оваа година женското рели ќе се одржи на 9-ти март, традиционално 15 година по ред, во организација на АКК Примо АВЈ. Стартот на релито е пред Сити мол во 11 часот. Првата етапа се вози до Ново Лисиче, а втората етапа повторно не води назад до Сити мол, каде ќе биде и прогласувањето на најдобрите. Очекувам да настапат околу 20-тина екипи, но пријавувањето е сè уште во тек.

Има ли услови за трки кај нас?

- Ги создаваме. Како што веќе споменав, во Македонија нема тркачка патека за поголем развој на автомобилизмот, па затоа се возат градски трки кога се затвора сообраќајот и градските улици се користат за организации на трки. Единствена затворена патека е онаа во Кичево, која всушност е воен полигон и го користи армијата, но Министерството за одбрана ни го отстапува за организација на трките. Постоењето на тркачка патека на овие простори, сигурно би значело и поголем развој на автомобилизмот во Македонија. Исто така и поголемото приклучување на фирмите како спонзори во спортот, што е светска пракса, сигурно би значело поголема популаризација на истиот.


Која патека ти е предизвик?

- Во дисциплините во кои настапувам моментално јас, генерално патеките не ги познаваме однапред, а секоја патека е поразлична и си има различна техника за возење, но најважно е што во секоја од нив наоѓам предизвик.

Автор: А. В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг