Мајката на исчезнатиот Пино најави протест пред Собрание

Макфакс

22/02/2019

16:31

5.063

Големина на фонт

а а а

Мајката на 26-годишниот Пино Секондо, Маја Трпковска, за во понеделник пред Собранието, со почеток во 16:30 часот, најави протест со цел притисок врз надлежните институциите за пронаоѓање на нејзиниот син.

Таа за „Макфакс“ вели дека е разочарана од досегашната потрага по Пино, за кој 73 дена нема слушнато никаква вест. Трпковска на мирниот протест ги повика семејствата кои имаат исчезнати деца или роднини да се приклучат и заеднички да кренат глас.

„Нема да се откажам од потрагата по мојот син. Поминувам низ невидена агонија. Не знам како може полицијата да нема информации за случајот, а згора на тоа инспекторите кои го водат случајот повеќе не ми креваат слушалка, ме блокирале на телефоните. Не знам веќе каде да се обратам. Дали е оваа држава? Да бев во европска држава, ќе ми донесеа и психолог да ми помага во овие тешки мигови, а не да бегаат од мене. Не сум политичар, не знам да зборувам како нив, но ако имаат срце, нека се ангажираат повеќе, и тие се родители, луѓе пред сè. Чувствувам дека моето дете е живо, затоа и се одлучив на овој чекор, да барам јавна поддршка“, изјави Трпковска за „Макфакс“.

Инаку, таа додава дека Пино бил мирно момче, не се дружел со лошо друштво, вреден, комуникативен и ведар по природа. Пред да исчезне излегол од дома со автомобил „шкода фабија“ со регистарски таблички SK 1566 AP. Два и пол месеци од тогаш нема трага ни глас од него, ниту, пак, е виден автомобилот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг