Трет Меѓународен натпревар во уметничко лизгање во СЦ „Борис Трајковски“

Точка

13/02/2019

16:36

8.026

Големина на фонт

а а а

Над 70 натпреварувачи ќе бидат дел од третиот по ред Меѓународен натпревар во уметничко лизгање кој ќе се одржи на 22.02 и 23.02 во СЦ „Борис Трајковски“. Македонските натпреварувачи имаат завидни резултати на евроспките натпревари, но потребна им е сала на затворено за да можат да тренинираат без прекини - објаснува Цветанка Макаровски, Претседател на Федерацијата за Лизгачки Спортови.

Каде, кога и по кој пат се одржува натпреварот и колку учесници се најавени?

- Овој натпревар се одржува по трет пат, а секоја година бројот на учесници и гости се зголемува, што е добар знак дека успеваме да го реализираме истиот согласно ИСУ (International Skatin Union) стандардите. На 22.02-23.02.2019 година со поддршка на СЦ Борис Трајковски и Агенцијата за Млади и спорт очекуваме да реализираме уште еден натпревар за сите љубители на зимските спортови, а особено на ументичкото лизгање, со над 70 натпреварувачи од кои дел домашни, а дел од Р. Србија и Р. Бугарија. 


Натперварот е Меѓународен, и го носи името Skopje on ICE, но во исто време и Национален натпревар, на кој нашите спортисти по трет пат ќе се стекнат со титулите национален првак во Уметничко лизгање, согласно категориите во кои се натпреваруваат.   

Нашите очекувања како организатори се овој натпревар да прерасне во традиција, сите спортисти да ги подобрат своите лични резултати, а пред се да покажеме зрелост, волја и талент за во иднина Уметничкото лизгање како спорт да стане традиција, а со тоа да успееме да обезбедиме подобри услови за тренирање на овој спорт преку затворено лизгалиште.

Во контекст на ова морам да напоменам дека освен поддршката на институциите, за реализација на овој натпревар имаме особена поддршка од нашите спонзори и поддржувачи, компании и пријатели кои во спортот препознаа иднина, квалитет и ентузијазам кој ни е неопходен за надминување на секојдневните предизвици.

Колку е популарен овој спорт во Македонија и колку има талентирани деца?

- Талентот е неспорен, а резултатите кои нашите спортисти ги постигнуваат на Меѓународни натпревари од европски критериум се потврда за нивниот напредок од година во година, како и нивните пласмани рамо до рамо со останатите земји во регионот со услови за тренинг повеќе од 9 месеци во годината.

Ако го земеме во предвид фактот дека тренираат на отворено лизгалиште во субстандардни услови на минусни температури и тоа наутро во 6.30 часот пред училиште и попладне од 16.00 часот по завршување на училишните обврски и тоа само 4 месеци (колку што има услови за мраз), може да се изведе заклучокот дека желбата за тренирање на Уметничкото лизгање е огромна, но за подобри резултати сепак треба да имаме минимум сезона на мраз од 9 месеци. 

Кога би имале подобри услови за тренинзи очекуваме дека и интересот како на спортисти така и на рекреативци значително би се зголемил, а со тоа би се зголемиле и нивните успеси и популарноста на овој спорт.

Тоа не враќа на првата и основна точка потребна ни е затворена сала за Уметничко лизгање. Сето останато сме подготвени да го реализираме со многу талент, волја и упорност.

Кој е бенефитот и која возраст е препорачлива да се почне?

- Бенефитите од овој како и од секој спорт се непроценливи, пред се преку спортот растеме здрави, дисциплинирани и сестрани личности, подготвени да се носат со сите предизвици кои им ги носи иднината. 


1 денар вложен во спортот заштедува 3 денари во здравството.  

Оптималната возраст за започнување со тренирање на овој спорт е од 5 годишна возраст, но талентот може да ја намали или зголеми оваа граница, никогаш не е ни премногу рано, но ни премногу доцна да се започне со тренирање на Уметничкото лизгање.

Постои ли опасност од повреди?

- Секој спорт носи и потенцијал за повреди, но добрите тренери и стручни кадри се задолжени да ги превенираат повредите преку систем на тренинзи во кој точно и прецизно ги насочуваат спортистите како се изведуваат, па дури и најтешките вежби, со што можноста за повреда е сведена на минимум.  


Поголема е веројатноста да се повредите на рекреативно лизгање отколку на тренинг.

Како изгледа еден тренинг?

- Тренизите започнуваат со 30мин. загревање во сала со вежби кои би го подготвиле спортистот да биде доволно загреан и подготвен за тренинг на мраз. Потоа следи 1 час тренинг на мраз со повторување или учење на нови елементи, а завршува со 30 минутно растегнување во сала. Кога имаме претстоен натпревар за кој е потребно да се лизгаат програмите (кореографиите) со кои настапуваат спортистите, тогаш за време на тренинзите се вежбаат елементи (скокови и пируети) потребни за програмите со музиките на кои настапуваат спортистите.


Има ли услови во Македонија за тренирање уметничко лизгање?

- Еве повторно имам можност да го кажам тоа што за нас како Федерација, а пред се во името на сите спортисти ни е најважно. Потребна ни е затворена сала за ументичко лизгање.  


Очекувања од натпреварот?

- Очекуваме успешни два натпреварувачки дена, успешна реализација и успешен настап на сите спортисти. Очекуваме сите спортисти да го покажат најдоброто од себе и да имаме навистина квалитетен спортски и уметнички викенд, незаборавни два дена на мраз. И секако ги очекуваме сите љубители на уметничкото лизгање од нашиот град во живо да уживаат во настапите на спортистите.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг