Општина Прилеп соопшти дека ќе бидат преземени сите мерки во ингеренции на градоначалникот и Општината, со цел да се решат најгорливите проблеми на Спасески.
Бранителот Драган Спасески, кој што пет години живее без струја и со бројни социјални и здравствени проблеми, денеска го посетија прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски, националниот координатор за воени и полициски ветерани, Стојанче Ангелов, советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василески, претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001-2002 година, Рубин Секулоски, директорката на Здравствениот дом, Оливера Аџиоска и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски.
Општина Прилеп соопшти дека ќе бидат преземени сите мерки во ингеренции на градоначалникот и Општината, со цел да се решат најгорливите проблеми на Спасески.
„Градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп ќе се заложи да се реши проблемот со повеќегодишниот неплатен долг за електрична енергија, којшто во моментов изнесува 91.843 денари, ќе му биде исплатена парична помош. Воедно бранителот ќе биде хоспитализиран со цел да се стабилизира неговата здравствена состојба“, велат од Општината.
Националниот координатор за прашања поврзани со бранителите, Стојанче Ангелов вели дека секојдневно помагаат на по неколку бранители од 2001 година, без притоа да се прави ПР од таквите судбини. Ангелов испрати порака и до сите бранители кои се ваква незавидна здравствена и социјална положба, да се обратат до него како координатор, со цел да се изнајдат начини да им се помогне во решавањето на нивните проблеми и за стекнување на правата коишто им следуваат.
Директорката на Здравствениот дом, Оливера Аџиоска рече дека по хоспитализацијата на Спасески, тој ќе биде редовно посетуван од екипите на службата за домашно лекување.
Живко Силјаноски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, потенцираше дека Драган и Виданка Спасески се корисници на правото на социјална помош повеќе од 25 години и во тој период речиси постојано биле изложени на некои специфични социјални ризици. Исто така, Силјаноски напомена дека Драган и Виданка имаат син и ќерка, кои имаат и законска обврска да им помагаат на своите родители, но тие не го прават тоа во потребната мерка.