Трагичниот живот на кревката Французинка каков што нема ниту во романите

Кармин

19/12/2018

18:46

3.264

Големина на фонт

а а а

Едит Пјаф е родена на 19-ти декември, 1915-та година во Париз. На 103-годишнината од раѓањето на славната шансониерка, се присетивме на нејзиниот голем талент и животен пат, кој бил исполнет со големи лични трагедии.

Иако бројни биографи пишуваа за животот на славната француска шансониерка, Едит Пјаф, малку е познат нејзиниот живот. Со целосно име, Едит Џована Гасион, оваа Французинка со неверојатен глас, уште од раѓање имала тежок живот.

Мајка ѝ ја напуштила после пораѓањето, а татко ѝ заминал во војна, па одгледувањето на девојчето било препуштено на нејзината баба, инаку позната „мадам“ во Нормандија. Едит своето детство го поминала во јавна куќа, а за неа се грижеле куртизани. Покрај сè, од 3-та до 7-та година од својот живот, таа била слепа, за што наводно било заслужно воспалението на рожницата на окото.

Биографите за Едит Пјаф, веруваат дека растењето во вакво неприкладно место влијаело на нејзиниот поглед на животот, но и на односите со мажите.

„Мислев дека кога маж ќе повика жена на состанок, таа не смее да го одбие“, признала француската пејачка во некое од подоцните интервјуа.

На 14 години му се придружила на својот татко, кој инаку бил патувачки акробат и почнала да пее на улица за пари. Две години подоцна го запознала Луис Дупонт, во кој страстно се заљубила, а врската резултирала со дете, поточно со ќерката Марсел, која починала на само 2-години, од менингитис.

Од улица до дискографски успех

Едит стекнала поголема популарност во 1935-та година, кога на париските улици ја открил сопственикот на ноќниот клуб „Le Gerny's“. Иако била нервозна на сцената, Луис Лепе ја охрабрил да пее, а поради нејзината висина од 142 сантиметри, ѝ дал сценско име La Mome Piaf, односно врапче, кое би ја следело сè до смртта.

Ја научил на основни сценски движења, а инсистирал на сцената да носи црн фустан, кој потоа станал нејзин заштитен знак. Настапите во споменатото кафуле ѝ донеле договор за снимање албум и тој ја однел на вистинскиот пат до славата. Но, на 6-ти април, 1936-та година, Лепе бил пронајден мртов, а Едит Пјаф била една од осомничените.  

Иако е ослободена од обвиненијата, требало да го врати својот имиџ. Со писателот Рејмонд Ас се впуштила во бизнис-романтична врска и почнале да создаваат песни со нејзините животни искуства.

Во поствоената Франција, станала една од најбараните забавувачи, а се прославила со песните „La Vie en rose“, „Milord“, „Non je ne regrette rien“ и „Hymne a l'amour“.

Несреќна во љубовта

Во својот краток живот, Едит била заљубена во неколку славни мажи. Имала врска со францускиот композитор и пејач Шарл Азнавур, а се венчала два пати. На Жак Пилс судбоносното „Да“ му го кажала во 1952-ра година, а побарала развод 5 години подоцна.

Среќа во љубовта побарала и во дваесет години помладиот грчки фризер и забавувач, Тео Саропо, за кого се венчала во 1962-ра година и со кој настапувала сè до својата прерана смрт, во 1963-та година, предизвикана од неухранетост и проблеми со црниот дроб.

Сепак, боксерскиот шампион Марсел Сердан го сметала за љубов на својот живот. Во него се заљубила во летото, 1948-ма година и покрај тоа што бил во брак и имал три деца, а го загубила во трагична авионска несреќа една година подоцна.

Според нејзиниот турбулентен живот, снимен е филмот „La vie en Rose“, во 2007-ма година, во кој ја глумела француската актерка Марион Котилард, која за оваа улога добила и награда Оскар.

Во продолжение може да слушнете една од нејзините најпознати песни, „Non je ne regrette rien“, односно „Не, не жалам за ништо“. 


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk