Бизнисменот Орце Камчев нуди 14 милиони евра вреден имот за да излезе од притвор

Точка

14/12/2018

16:39

5.369

Големина на фонт

а а а

Со имот вреден околу 14 милиони евра, бизнисменот Орце Камчев гарантира дека нема да бега.

Според информациите кои се појавија во јавноста, станува збор за недвижен имот на Камчев и неговото семејство, а останува да се види дали Кривичен суд ќе ја прифати понудата. Мислење треба да даде и Специјалното јавно обвинителство, пренесува "Телма". 

Имотот и врските со странство беа дел од причините поради кои судот му го продолжи престојот на Камчев во Шуто Оризари и оцени дека постои и опасност од бегство, но и можност да влијае на сведоци. Неколку дена подоцна излезе нов предлог – заложен имот проценет на 14 милиони евра како билет за излез од притвор. Ова е најголемата сума што досега некој ја понудил како гаранција во судот, барем според тоа што е објавено во јавноста.

Минатата недела, Кривичниот суд во Скопје им определи нови 30 дена притвор на осомничените во случајот "Империја".

Бизнисменот Орце Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, Цветан Панделески – директорот на комбинатот "Пелагонија" и Тодор Мирчевски, директорот на контроверзната компанија "Ексико", остануваат уште еден месец во притвор. За ексшефот на УБК, СЈО дополнително побара притвор за овој случај.

Камчев, Мијалков и останатите се обвинети за злосторничко здружување, оштетување и повластување доверители, злоупотреба на службената положба, измама и перење пари. СЈО пресмета штета на Буџетот од најмалку 6 милиони евра, но и дека биле испрани 11 милиони евра и најавуваше и проширување на истрагата. Судот го замрзна и имотот на Орка холдинг и Ексико. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг