Доаѓањето на поштарот во деновите пред Божиќ и Нова година, некогаш означуваше убави вести: примање честитки од членовите на семејството и пријателите, особено од оние кои живееја во други земји или градови.
Но, со развојот на технологијата и брзата размена на пораки со било кој на светот, во било кој момент, некогаш ценетата традиција, како да замина во заборав. Прекрасните цртежи и рачно напишаните реченици се заменети со „екрани“ и налепници во разни мобилни апликации.
Божиќните и Новогодишните честитки, повеќе не се испраќаат толку често како некогаш, но затоа возбудата кога ќе добиеме некоја е неверојатно голема.
Првата продажба на честитки во 1843-та година
Рачно напишаната порака, во себе содржи нешто лично и труд на личноста која ја испратила, а сè започнало кога Божиќ не се славел воопшто. Уште во стариот Египет и Кина, добрите желби се пишувале на хартија, а рачно изработените хартиени честитки, првпат се појавиле во Европа уште во 15-ти век. Во 17-ти век, религиозните семејства од германските покраини едни на други си испраќале рачно изработени честитки.
Меѓутоа, дури во 19-ти век почнале комерцијално да се шират и во останатиот дел од светот. Сè започнало кога богатиот британски претприемач, Сер Ени Кол, одлучил да ја нарача првата божиќна честитка. Откако целиот живот го поминал во државна служба, а потоа бил еден од основачите на институцијата која сега ни е позната како пошта, почнал да размислува за начини на кои сите луѓе би можеле да ги користат услугите на поштата. Неговиот пријател Џон Калкот Хорсли, бил врвен уметник, па така заедно дошле до идеја да изработуваат божиќни честитки.
Првата честитка, во средниот дел прикажувала три генерации на семејство, собрани на божиќна трпеза, а од левата и десната страна имало приказ од подарување облека и храна на сиромашни луѓе. Честитките биле продавани за тогашен еден шилинг, а во 1843-та година, вкупно биле испечатени 1.000 парчиња. Денес тие се исклучително ретки, а нивната вредност се проценува за десетици илјади долари.
Со текот на времето, практиката за испраќање честитки почнала да се шири во Англија, па потоа низ целиот свет. На нив најпрво се појавувале цветни мотиви, деца, вили и други прикази. Верските мотиви тогаш не се произведувале масовно. Во 1860-та се намалиле трошоците за печатење, а истовремено се зголемил и квалитетот на печатењето, па така сè повеќе луѓе можеле да си дозволат испраќање честитки. Луис Пранг, од Европа, ги претставил на американскиот пазар и покренал вистинска мала револуција на тогашните простори.
Наскоро божиќните честитки станале официјален начин за обраќање на народот, па така кралицата Викторија била една од првите која испратила официјални честитки. Речиси еден век подоцна, американскиот претседател Двајт Д. Ајзенхауер ја објавил првата официјална претседателска честитка, а таа традиција ја продолжиле и неговите наследници.
На почетокот на 20-ти век, честитките станале популарни и на нашите простори. На честитките имало духовити елементи, црн хумор, шеги, но и христијански мотиви, со незаборавни божиќни пораки.
Уницеф пак, во средина на 20-ти век, биле првите кои покренале хуманитарна продажба на божиќни честитки, а на нив имало испечатено уметнички дела, а со текот на времето, тие биле заменети со детски изработки.