Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не стравува од отповикување, а парите кои што неговиот адвокат Мајкл Коен им ги дал на двете жени не ги прекршуваат американските закони.
„Тешко е да се отповика некој кој што не направил ништо погрешно и ја изградол најдобрата економија во историјата на нашата држава“, изјави Доналд Трамп во разговор со новинарите на „Ројтерс“ во Овалната соба.
„Не сум загрижен, не. Мислам дека луѓето би се побуниле доколку се случи такво нешто“.
Сојузното обвинителство од Њујорк минатата седмица објави дека Трамп му наредил на Коен на две жени да им исплати шестцифрена сума на пари за во пресрет на претседателската кампања, да не проговорат за наводните љубовни афери кои што ги имале со него.
Истражителите сметаат дека тие исплати ги прекршиле законите за прилози во кампања, а Демократите сметаат дека таквото прекршување на законите е за отповикување. Сепак, треба да се додаде дека некои челници на партиите во американскиот Конгрес се прашуваат дали тоа е доволно за да биде отворена една таква постапка.
Инаку, на Коен денес ќе му биде изречена пресуда за улогата во испрашувањето на двете жени – порно актерката Сторми Дениелс и поранешната Плејбој зајачица Карен МекДогал. Трамп инаку ги отфрли тврдењата дека имал афери со нив.
Сепак, претходно во текот на оваа година, Трамп призна дека на Коен му вратил 130 илјади долари кои што тој ѝ ги дал на порно актерката Даниелс. Трамп претходно тврдеше дека не знаел ништо во врска со тие исплати.
Трамп го обвини Коен дека сега кажува лаги со цел да добие помала затворска казна. Тој повика да му биде изречена повисока казна, а во текот на вчерашниот ден исто така порача дека Коен требало да ги знае законите за финансирање на кампања.
„Мајкл Коен е адвокат. Претпоставував дека знае што прави“, одговори Трамп на прашањето дали со Коен разговарал за законите за финансирањето.