Овогодинешната Нобелова награда за мир отиде во рацете на јазидската активистка Надија Мурад од Ирак и доктор од Конго, Денис Муквег, а норвешкиот одбор за доделување на Нобелови награди, нивната борба против сексуалното насилство ја истакнал како „оружје за војната и воружените конфликти“.
„Ги обединува борбата за правда, и покрај различните потекла. Тие без оглед на сè, се поврзани, како и со сите луѓе кои се жртви на злоставувања“, истакнала Берит Реис-Андерсен, шеф на Комитетот.
Надија Мурад е језидска активистка, родена во 1993-та година и која доживеала сексуално робство во Исламска држава.
Милитантите на Исламската држава ја мачеле и силувале, а подоцна таа станала заштитно лице на кампањата за ослободување на Језидите.
Во 2014-та година, оваа девојка ја заробиле милитантите, додека ја поминувале областа на северен Ирак, каде таа живеела со своето семејство. Три месеци била сексуална робинка, купувана е и продавана неколку пати, а за време на заробеништвото била подложна на сексуални и телесни злоставувања.
После бегството од заробеништвото, во ноември 2014-та година станала језидска активистка, со што помогнала во спречување на трговијата со луѓе и го повикала светот да заземе силен став кога е во прашање силувањето кое го користат како оружје за војна.
Таа е прва Ирачанка која освоила Нобелова награда за мир.
Надија имала 21 година, кога милитантите од Исламската држава го нападнале нејзиното село на север од Ирак, блиску до границата со Сирија. Ги убиле оние кои одбиле да преминат во ислам, вклучувајќи ги шесте нејзини браќа и мајка.
Откако била заробена, Надија насила била однесена во Мосул, каде ја присилиле да премине во ислам и повеќе пати ја продавале како сексуална робинка.
Во своите мемоари од 2017-та година, напишала: „Во некои моменти имаше само силување и ништо друго. Тоа станува вашиот нормален ден.“
Имало моменти кога се обидувала да побегне, но ја фатил еден од чуварите. Жените кои се обидувале да побегнат, милитантите ги ставале во ќелија каде ги силувале сите мажи од единицата. После тоа, повеќе не можела да размислува за бегство.
Подоцна, човекот со кого престојувала во Мосул и кој живеел сам, рекол дека ќе ја продаде на некој друг. Сепак, кога куќата ја оставил отклучена, Надија успеала да побегне. Во една од куќите побарала помош. Таа наишла на муслиманско семејство, а членовите ѝ рекле дека немаат никаква поврзаност со Исламскаа држава и ѝ помогнале да побегне.
Успеала да најде прибежиште во кампот во Курдисан, со други језиди. Подоцна заминала во Европа и денес живее во Германија.
Откако била на слобода, продолжила да се бори за другите жени кои се заробени.
Освен Нобеловата награда за мир, добила и награда „Vaclav Havel“ за човекови права од страна на Советот на Европа, во 2016-та година. Кога ја примала наградата за време на говорот во Страсбург, повикала меѓународниот суд најпрво да ги суди злосторствата на милитантите.
Истата година во Европскиот парламент добила награда „Сахаров“, за слобода на мислата.
Од страна на „UN“ е именувана за амбасадорка на луѓето кои преживеале во трговијата со луѓе.