Пеп Гвардиола воопшто не штедеше пари за ангажман на Едерсон Мораеш и ваквиот негов потег се покажа како полн погодок, бидејќи шпанскиот стручњак во него доби она што тој силно го посакува, односно голман кој извонредно добро знае да игра со нозете.
Бразилскиот чувар на мрежата често е користен како петти дефанзивец на тимот, а дека нема никакви проблеми да додава во опасната зона најдобро ни демонстрираше изминатава ноќ на гостувањето на „Викариџ“ кај Вотфорд. Манчестер Сити славеше со 1:2 и ја продолжи победничката серија, а головите од овој меч останаа во сенка на Роналдињо потегот кој го изведе голманот во својот шеснаесетник.
Едерсон изрежира пас без да ја гледа топката како што тоа елегантно и мајсторски го правеше Роналдињо, но покрај ова, во неколку наврати покажа завидна смиреност и умешна пас игра, проигрувајќи ги своите стопери како да е најлесна работа во светот.