Речиси девет од десет работи кои минатата година биле поповолни на "Black Friday", во некој момент од 2017 година имале иста цена или дури биле и поевтини, покажало новото истражување.
Имено, американскиот сервис "Which" ги истражил цените на 94 популарни производи како телевизори, камери и уреди за вежбање, и ги предупредил купувачите да внимаваат пред да ги дадат последните пари за нив на т.н. "Црн петок".
Истражувањето се сосредоточило на водечките малопродажни ланци, односно испитувало 59 понуди од "Currys PC World", 18 од "Amazon", 14 од "John Lewis" и три од "Argos". Тимот ги следел цените на производите шест месеци пред минатогодишниот "Black Friday", вклучувајќи го и тој ден.
Ова истражување покажало дека 87 отсто од производите биле поевтини или со исти цени отколку на тој ден, кој минатата година беше на 24-ти ноември. Речиси половина од производите кои биле "намалени", во еден момент во наредните шест месеци по "Црниот петок" биле и поевтини од тој ден.
"Резултатите од нашето истражување ќе ги разочара оние кои се радуваат на намалените цени на "Black Friday". Додека трговците нè бомбардираат со ветувања за огромни попусти и временски ограничени понуди, јасно е дека сите понуди не се толку добри колку што се чини. За да заштедите, направете мало истражување и не дозволувајте да ве изманипулираат", изјавил Алекс Нил, директор на еден од одделите во сервисот "Which".