Рита Хејворт: Првата актерка која станала принцеза во вистинскиот живот

Кармин

18/10/2018

15:37

4.395

Големина на фонт

а а а

Од раѓањето на актерската дива Рита Хејворт, поминати се точно сто години. Била една од најголемите ѕвезди во златната ера во Холивудот, воедно и најдрагата партнерка за танц на Фред Астер и првата актерка која станала принцеза и во вистинскиот живот.

Рита Хејворт е родена на 17-ти октомври, 1918-та година, како Маргарита Кармен Кансино. Татко ѝ бил Шпанец, а мајка ѝ Американка. Со цел да се сокрие нејзиното мешано потекло и за да добива подобри улоги, по препораки на тогашниот сопруг Едвард Џудсон и Хари Кона, претседателот на филмските студии, Колумбија Пикчрс, Рита го превземала моминското презиме од мајка си и ја офарбала својата црна коса во препознатлива црвена нијанса.

Во текот на 1940-тите години, таа била една од најголемите холивудски ѕвезди, а тогашните улоги овој статус ѝ го запечатиле засекогаш. Затоа, таа и денес се смета за една од најголемите и најубавите актерки на сите времиња.

Голем дел од детството го поминала танцувајќи, бидејќи родителите ѝ биле танчери, а својата актерска кариера ја започнала во средина на 1930-тите години. Најпознатите филмови и мјузикли во кои глумела, биле „Gilda“ (1946), „The Lady from Shanghai“ (1947), „Pal Joey“ (1957), „You Were Never Lovelier“ (1942).

Со познатиот Фред Астер глумела два пати и така таа му станала најдрагата танчерка. Некои од нејзините други актерски партнери биле, легендарните Френк Синатра, Џин Кели, Џон Вејн, Гери Купер, Роберт Мичам и Џек Лемон.

Рита се венчала пет пати и исто толку пати поминала низ разводи. Кога имала 18 години, се венчала за првиот сопруг Едвард Џудсон. Бракот пропаднал после пет години, а Рита била таа која сакала развод, поради времето кое го поминале одвоени, бидејќи тој бил многу суров.

Година и половина подоцна стапила во брак со Орсон Велс. Никој не знаел за нивната венчавка, сè додека не ја најавила еден ден пред церемонијата. Заедно ја имале ќерката Ребека, но бракот траел само неколку години. Хејворт го сметала Велс за најголема љубов во животот.


Рита на 27-ми мај, 1949-та година се венчала за принцот Али Кан. Интересно е тоа што таа била првата актерка која станала принцеза, а не Грејс Кели. Кан и таа станале родители на Јасмин, но и овој брак траел кратко, бидејќи принцот исто така бил многу суров и злобен кон неа.

Во средината на 1950-тите години, Рита се венчала за пејачот Дик Хејмс. Бракот траел две години. Причината за тоа е тоа што таа цело време фнансиски го поддржувала, бидејќи тој бил во големи долгови.

Нејзиниот последен сопруг, бил филмскиот продуцент Џејмс Хил, но поради неговите непредвидливи и насилни испади, тој брак завршил во 1961-ва година.

„Всушност, јас сум добра и нежна личност, но ме привлекуваат лоши особини“, истакнала Хејворт во една прилика.

Својата актерска кариера ја завршила во 1972-ра година, а дотогаш, позади себе имала повеќе од 60 улоги. Таа починала 15 години подоцна, на 68 годишна возраст, од Алцхајмерова болест. 


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk