Nokia за 4-ти октомври најави конференција на која ќе претстави нов модел на паметен телефон – тоа би можело да биде Nokia 7.1 Plus, Nokia 9 или гејмерски телефон со кој би можело да биде означено враќањето на легендарниот N-Gage бренд.
Неодамна од индиската подружница на Nokia објавија Твит со кој го најавија развојот на гејмерскиот телефон. Иако Твитот за кратко време беше избришан, тоа беше доволно за да започнат шпекулациите околу новиот гејминг телефон на познатата компанија.
Кога во една реченица се споменуваат Nokia и гејмингот, тогаш првата асоцијација која што паѓа на памет е N-Gage, гејмерскиот телефон на Nokia кој што имаше нетипичен дизајн и се појави „минатиот век“.
Со оглед на тоа што Nokia започна да ги враќа легендарните телефони како што е 3310, враќањето на N-Gage не би требало да биде изненадување, посебно сега кога се шпекулира за развојот на гејмерскиот телефон на Nokia.
Дали Nokia навистина ќе претстави нова верзија на легендарниот N-Gage ќе дознаеме наскоро, поточно на 4-ти октомври кога “HMD Global”, компанијата која што има право на користење на легендарниот фински бренд, ќе ги претстави „новите членови на семејството“ паметни телефони на Nokia.
Освен гејмерскиот телефон, се споменува и претставување на Nokia 7.1 Plus или Nokia 9, но сите детали ќе бидат познати наскоро.