Првиот човек на Ферари го опиша првиот SUV на италијанската компанија како еден од најважните автомобили на Ферари во последните неколку децении.
Ферари досега беше синоним за брзите спортски автомобили, но со оглед на тоа што за SUV возилата интересот на купувачите вртоглаво расте, од италијанската компанија ги препознаа новите барања на купувачите и одлучија и тие да пласираат на пазарот свој SUV модел.
Така, од Ферари го најавија својот прв џип кој ќе биде наречен “Purosangue”, што во превод значи „Чистокрвен“, на пазарот ќе се најде во текот на 2022-ра година.
Моделот за кој што веќе долго време кружат гласини наводно ќе има четири врати, погон на сите четири тркала и ќе го одликува „класичниот дизајн на Ферари“. Сепак, помалку изненадувачка е одлуката на Ферари на пазарот да понуди и хибридна верзија на “Purosangue”.
Според информациите кои што првиот човек на Ферари, Луис Камилери им ги открил на инвеститорите, новиот “Purosangue”, покрај тоа што ќе биде технолошки напреден, џипот ќе остане и верен на корените на Ферари, односно ќе биде „најбрзиот SUV на пазарот“.
Камилери го опиша новиот “Purosangue” како еден од најважните автомобили на Ферари во последните неколку децении, а дека во Ферари се максимално посветени на развојот на првиот џип на компанијата, доволно говори и фактот што плановите за лансирањето на пазарот се поместени од 2020-та за 2022-ра година.
„Мора да биде совршен“, изјавил Камилери пред инвеститорите, најавувајќи го “Purosangue”.
Со оглед на тоа што датумот на претставувањето е се уште далеку, а во Ферари не сакаат да ги откриваат прерано своите адути, единственото нешто што е сигурно е дека новиот џип на италијанската компанија ќе биде многу скап, односно поскап од останатите модели на Ферари.