Шпанија и одржа фудбалска лекција на Хрватска и буквално го спушти на земја светскиот вицешампион, а иако првично во фокусот се најде Марко Асенсио кој имаше спектакуларна партија од секој поглед, Луис Енрике на прес-конференцијата по натпреварот одлучи да пофали и еден играч за кој не се очекуваше да добие шанса уште од стартот.
Станува збор за младиот Дани Себаљос кој буквално се препороди по пристигнувањето на Лопетеги во Реал, а сето тоа позитивно се одрази и во репрезентацијата каде очигледно ужива голема доверба од популарниот „Лучо“. Новиот шпански селектор не штедеше комплименти за заборавениот играч во Реал под водство на Зидан, потенцирајќи дека такви вредни играчи како него се вистинска реткост во фудбалот.
– Себаљос го гледам уште кога настапуваше за селекцијата до 21 година. Тој е поразличен играч од сите други. Има добар дриблинг, физички е силен, знае да се снајде во офанзива, тој е навистина специјален. Играчи како него се ретки во фудбалот. Денеска го неутрализираше Модриќ и многу ми е мило за него, – искрено порача Луис Енрике.