Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај ги демантираше наводите на косовските медиуми дека синоќа добил итен повик од албанскиот колега, Еди Рама.
Демантот на Харадинај следеше по тврдењата на дел од приштинските медиуми дека косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај на повик на албанскиот премиер, Еди Рама доцна синоќа тргнале за Тирана.
Харадинај на неговиот профил на „Фејсбук“ напиша вечерта дека се наоѓа во Приштина со своето семејство.
„Вестите кои некои медиуми ги пренесоа дека итно отпатував за Тирана не се точни“, напиша Харадинај и додаде дека по напорниот ден и палењето свеќи во знак на сеќавањето на жртвите на нападот во САД од 11 септември, се наоѓа со сопругата во домот, а веќе следниот ден го чекаат вообичаените обврски.
Претходно „Газета Експрес“ пренесе дека Тачи и Харадинај заминале за Тирана на итен повик од Рама.
Од друга страна, во најавена посета во Тирана престојуваат претседателот на косовското собрание, Кадри Весели и заменик премиерот, Фатмир Љимај, пренесе „Зери“. Се очекува двајцата во текот на денешниот ден да се состанат со албанските лидери со кои ќе разговараат за ситуацијата на Косово.