ВМРО-ДПМНЕ се оградува од Владо Поповски

Нетпрес

12/09/2018

10:23

4.541

Големина на фонт

а а а

Од рано наутро траеја вчера состаноците во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на денот кога се очекуваше да биде донесена конечната одлука – за референдумот секој да мисли со своја глава.

Најпрво заседаваше потесното раководство, потоа во 16.30 часот беше закажана седница на извршниот комитет, а во 19 часот и на централниот. До последен момент се разменуваа ставови, се коваа стратегии, иако опозициската партија го имаше цело лето да донесе став кој, патем, неколкупати и го промовираа на своите настапи преку шифрирани пораки.

Кога имаш толкаво членство, кога си најголема партија во државата, кога сакаш да го слушнеш гласот на секој граѓанин, нормално е дека ќе се соочиш со различни мислења. А, одлучуваме за иднината на Македонија, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ.

Оставајќи мал простор за изненадување, стратегијата на опозицијата ќе се движи во насока што тие ќе зборуваат на сиот глас дека договорот за името со Грција е штетен и капитулантски, но нема да им сугерираат на граѓаните што да направат на 30 септември: ниту дали да излезат и да гласаат, ниту да излезат и да гласаат „за“ или „против“. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде активна за време на кампањата, ќе се вратат маршовите низ градовите во земјата и ќе се агитира за уривање на власта на Зоран Заев.

Во партијата сметаат дека секој државјанин на Македонија сам треба да одлучи за ваква крупна работа што ќе го смени историскиот тек на државата. Од друга страна, не е тајна дека меѓу членството, па дури и меѓу носителите на функции во партијата, имаше три спротивставени струи, па не е лесно на сите да им се излезе во пресрет. Најголемиот дел беа за бојкот, други бараа да се гласа „против“, но да се излезе, додека најмалобројната беше онаа што инсистираше на поддршка на потпишаното во Преспа.

Во таа насока, силно одекна во јавноста завчерашното појавување на професорот Владо Поповски, инаку во моментов советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, кој рече дека договорот со Грција е добар, односно дека илузија е оти некој друг би можел да издејствува подобра спогодба за Македонија. Тој потврди дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, иако смета дека може да се дискутира за некои прашања од договорот.

Поповски, кој за девет дена ќе наполни 77 години, е еден од тројцата автори на работниот текст на Уставот донесен на 17 ноември 1991 година, поранешен застапник на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, а едно време му беше советник за правни и политички прашања на Никола Груевски додека беше премиер. Покрај тоа, двапати беше министер за одбрана (1992-1994 и 2001-2002) и еднаш за правда (1994-1997), така што неговиот глас и тоа како има тежина.

Тој вчера со часови беше недостапен на мобилниот телефон, па не можеше подетално да ни ги образложи своите ставови, кои се спротивни од оние на раководството на партијата, чиј претставник е во Советот на Град Скопје. За волја на вистината, ова не е првпат да има различно мислење од она што преовладува во белиот дворец. Се памети неговиот настап во 2014 година кога во екот на расправата за поставувањето споменик на контроверзниот Андов Јанев-Ќосето рече дека станува збор за сериски убиец и не му беше јасно зошто некој би сакал да го слави.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се изненадени од реториката на Поповски, за кого велат дека е исклучително интелигентна личност, но оти неговите истапи во јавноста се само негов личен став.

Мораме да кажеме дека е апсолутно активен во работата на Советот на Град Скопје, но во партијата ситуацијата е поинаква, тој никогаш не продискутирал за договорот за името, со него не биле разменувани мислења, така што сè што кажува си е негова лична работа и нема врска со ставот на партијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

До седиштето на партијата вчера пристигна порака од кризниот штаб на партиите што се против референдумот, од каде што побараа членството и симпатизерите на опозицијата да не излегуваат на гласање.

Ние и македонскиот народ силно веруваме дека и ВМРО-ДПМНЕ, како демохристијанска партија и со силна верба во Бог, ја дели нашата подготвеност да останеме свои на своето, да се оди до крај во одбрана на Македонија и Македонците од јасно изразената намера на пучистичката власт во Скопје, порачаа од кризниот штаб против референдумот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг