Бројни американски компании веќе го критикуваа Трамп поради трговската војна која што ја започна со Кина, затоа што сметаат дека сето тоа може да има и бројни негативни последици по потрошувачите во САД и Кина.
Наметнувањето на новите царини на Кина од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, би можело да влијае на Apple, односно на цените на одредени производи на оваа компанија кои наскоро би можеле да станат уште поскапи.
Поради тоа, од Apple испратиле писмо до американската влада за можните последици на таквата одлука. Наводно, доколку бидат воведени новите царини, тогаш се очекува бран на поскапувања на производите на Apple како што се Apple Watch, AirPods, HomePod, Apple Pencil, AirPort рутерот и одредени адаптери и кабли.
Од Apple во писмото до американската влада не навеле кога би можела да започне примената на поскапувањата на производите поради новите царини, како ниту тоа колку големо би било поскапувањето, но тоа што е сигурно е дека новите повисоки цени ќе влијаат негативно на продажбата на производите на американскиот гигант.
Доналд Трамп во свој стил, на Apple им одговори преку Твитер и им порача дека постои едноставно решение со кое што компанијата може да ги избегне царините – да го префрлат производството од Кина во САД.
Тој спомена и нулта стапка на данок, иако не прецизираше на што точно тоа се однесува и на Тим Кук и екипата им порача дека време е да започнат со изградба на фабрики во Соединетите Американски Држави.